Легализирани 296.810 дивоградби
Во државава досега се легализирани 296.810 нелегално изградени објекти. За нив се издадени решенија со документација којашто опфаќаше барање до општината, изработка на геодетски елаборат и потврда од платени комунални сметки. Во собраниска процедура веќе долго време е нов закон за легализација, а по неодамнешните разорни земјотреси во Турција и Сирија, експертите од областа укажуваат дека евентуалните идни легализации задолжително треба да се прават со архитектонски проект и контрола на статиката.
„Не треба, но во случај да се носи нов закон за легализација на дивоградби, не смее да се дозволи тоа да се прави само со геодетски елаборат, туку со архитектонски проект и контрола на статичките елементи за да може да се гарантира дека тие објекти се безбедни за живеење“, вели за МИА Никола Велковски, од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.
Неодамнешните разорни земјотреси во Турција и во Сирија, според Велковски, треба да бидат поука за идните делувања во градењето и третманот на безбедноста на објектите.
Уште при носењето на Законот за третман на бесправни објекти, како што вели Велковски, не било прифатено барањето легализацијата да не се прави само со геодетски елаборат.
„Таму имаше едно недоразбирање со струката кога се донесе законот, немаше никаков проект, само со геодетски елаборат. Како струка бевме исклучени од тој процес, а прво наше барање беше да има архитектонски проект, да има контрола на статичките елементи за да може да се гарантира дека тие објекти се безбедни за живеење. Тоа не го направија и се овозможи само геодетски елаборат и тука бевме исклучени. Сега инсистираме ако некој смета дека треба да се донесе, а според нас не треба, да биде поука ова што се случи во Турција и во Сирија и да се направат архитектонски проекти и стручна контрола и проверка на конструктивниот систем“, изјави Велковски.
Среќна околност, посочува, е што во најголем дел досега се легализирани индивидуални објекти и има малку станбени згради со доградби и надградби. Оставено е на свеста и совеста на сопствениците и на изведувачите.
Евентуалниот нов закон, како што вели, е некоректен кон оние што ги следеле процедурите и плаќале. Се работи за стабилноста и сигурноста и на објектите и на станарите во тие објекти. Ако се преземе нешто и се носи тој закон мора да има архитектонски проект, порачува Велковски.
И директорот на Институтот за земјотресно инженерство Влатко Шешов потенцираше дека кога станува збор за сигурноста на објектите, слаба алка се дивоградбите, доградбите и уривањето на внатрешни ѕидови во становите.
„Тоа се некои, да кажам, од клучните сегменти каде што мораме и треба повеќе да работиме за да можеме да зборуваме за една генерална слика на сигурни згради. За овие нелегални градби, да ги кажам – дивоградби, повторно ќе се оградам – може се добри, може не се добри, меѓутоа не постои доказ за нивната сигурност. Информациите се многу оскудни, значи само со геодетски елаборат, со изјава од сопственикот и со сметки од комунално и од струја, се легализираат и се ставаат во фондот на објекти“, вели Шешов.
Во Агенцијата за катастар на недвижности, како што информираа за МИА од оваа институција, досега се впишани имоти на 296 810 објекти што добиле решение за легализација од матичните општини.
Легализацијата на дивоградби во државава првпат се овозможи со Законот за третман на бесправно изградени објекти од 2011 година. Законот и рокот за поднесување барања за легализација во неколку наврати претрпе измени, а со последната во 2021 година се овозможи негова примена уште пет години за да се постапува по предметите за околу 140.000 барања, што од најразлични причини останаа заглавени.
Истовремено со тие измени, на предлог на Министерството за транспорт и врски, во Собранието беше доставен нов закон за легализација, а со кој би се опфатиле дивоградби изградени до јануари 2021 година, но со плаќање казнени пенали. Според првичните проценки, со него би се опфатиле над 50.000 барања, но конечниот број ќе се знае ако евентуално биде изгласан и се отвори можност за поднесување барања.
Од Министерството за транспорт и врски потврдуваат дека статусот на поднесениот закон не е променет.
„Нема некоја иницијатива да се продoлжи, ниту ние сме го повлекле. Не можеме да иницираме дебата од причина што сега е во процедура во Собрание“, велат од Министерството за транспорт.
Предлог-закон за добивање правен статус на бесправно изградени објекти беше претставен во декември 2021 година. Со него ќе можат да се легализираат бесправно изградени објекти до 1 јануари 2021 година. Предвиден е скалест начин за пресметување на надоместот за легализација и тоа, за објект до 80 метри квадратни, висината на надоместокот се зголемува за 50 проценти од основниот комунален трошок, а за објекти над 80 метри квадратни, тој надомест се зголемува за 100 проценти.
Надомест за легализација на бесправни објекти, според предлогот, нема да плаќаат социјално загрозените граѓани и лицата со приходи до 180 илјади денари нето годишен приход, со што се зголемува опфатот на граѓани кои се ослободени од тој надомест.
Од Заедницата на единците на локална самоуправа велат дека изминатиот период не отвориле расправа по прашањето околу предложениот закон, додека градоначалниците најавуваат дека токму во рамки на ЗЕЛС во иднина ќе може да ги дадат евентуалните предлози и да ги споделат искуствата од целиот процес.
Од Гази Баба, една од општините каде на стартот на целиот процес имаше најмногу барања за легализација, велат дека нивните служби во изминатиот период интензивно работат на завршување на започнатите постапки за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.
„Согласно динамиката која е утврдена во општина Гази Баба, постои значително раздвижување на процесот, кој изминатиот период бил во застој, односно не постоел сериозен интензитет на решавање на овие предмети, кои се од големо значење за нашите сограѓани. Имајќи предвид дека станува збор за обемна постапка, која подразбира преземање повеќе дејствија како од страна на стручните служби, така и од страна на барателите, процесот на „легализација“ подразбира претходно исполнување на неопходните законски услови, а потоа и донесување на решение за легализација“, изјавија за МИА од Општина Гази Баба.
Од последната промена на власта во општината, како што информираа, досега се донесени повеќе од 2000 решенија за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти.
Во однос на новиот предлог закон за легализација, согласно кој е предвидена легализација на дивоградби изградени до јануари 2021 година, истакнуваат дека општината ќе биде должна да го применува, доколку биде усвоен од Собранието.
„Во однос на неговата содржина и услови кои се предвидени, не би давале посебен коментар, имајќи предвид дека се уште не е финален и одобрен од страна на Собранието, но сметаме дека треба да се направи дополнителна стручна расправа во рамки на ЗЕЛС, каде што ние како локална самоуправа би имале можност да ги споделиме досегашните искуства и да дадеме свои предлози за подобрување на состојбата“, велат од општината.
Официјални податоци за регистрирани дивоградби во државава има заклучно со 2021 година, во тек на која институциите регистрирале 739.
МИА