Македонија

Лани во Македонија се купиле скоро 8.000 станови, нивната вкупна вредност изнесува над 540 милиони евра

Лани во Македонија се купиле скоро 8.000 станови чија вкупна вредност надминува половина милијарда евра. Податоците од Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека во 2025 година се реализирале вкупно 23.470 купопродажби. Точно една третина од вкупниот број договори за продажба се однесуваат на станови, а скоро толкав е процентот и на продадено земјоделско земјиште.

Според најновата анализа на емисијата „Бизнис Објектив“, во 2025 година вкупниот промет со продажба на станови изнесува скоро 545 милиони евра, додека вкупниот износ на купопродажбите на куќи изнесува 214 милиони евра.

Најатрактивни населби за купување стан се скопски Аеродром, Центар, Карпош и Кисела Вода.

Најскапиот стан според платена цена за квадрат лани се продал во Аеродром. За 44 квадрати новиот сопственик платил 166.500 евра, според што цената за квадрат изнесува 3.784 евра.

Најскапата гаража, пак, исто така е продадена во Аеродром, каде за 24 квадрати гаражен простор купувачот платил дури 30.150 евра, или 1.250 евра за квадрат.

Според граѓаните, цените на становите во главниот град се нереални.

Тоа што го отсликува пазарот на недвижности е големата варијација на цени, која што е присутна и во рамки на самите најатрактивни населби за купопродажба на станови, се вели во анализата на „Бизнис Објектив“.

„Ако се анализираат двете најпосакувани општини во главниот град, тогаш ќе увидиме дека во Аеродром лани се продадени 978 станови со вкупна површина од 65.655 квадрати, за кои новите сопственици заедно платиле скоро 81 милион евра. Според тоа, просечната цена на квадратот во оваа општина изнесува 1.230 евра. Во Центар се продадени 756 станови со вкупна површина од 57.316 квадрати, чија цена кумулативно изнесува 92 милиони евра. Или, просечната цена на квадратот изнесува 1.600 евра. Додека просекот на квадрат стан во Карпош изнесува 1.400 евра, а во Кисела Вода скоро 1.200 евра, во помалку атрактивните општини како Бутел, Чаир и Ѓорче Петров, просекот се движи меѓу 700 и 1.000 евра“, анализира „Бизнис објектив“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons