Кој е Павел Шатев? – 140 години од раѓањето на легендата на македонската револуционерна борба
Роден во Кратово на 15 јуни 1822 година, од мајка Стојанка и татко Поце. Женет за Вера Мрмева од Прилеп, со која ги имал ќерките Милка и Нада. Починал во Битола 1951 година. Биографски податоци како и на секој обичен смртник. Да, ама не! Не е баш така. Еве и зошто.
Анархистичкиот и револуционерен рок-ен-рол на Павел Шатев по многу нешта е специфичен, автентичен, оригинален – еден единствен. Кога само ќе се присетам колку години поминал во затвори и логори, а останал жив и ги преживеал, си велам тоа е нашиот Нелсон Мендела. Кога пак помислувам на неговиот бурен живот на динамиташ, терорист, револуционер, министер, не можам а да не констатирам дека тој е нашиот Че – Че Гевара. Кога пак му ги читам револуционерните мисли за Македонија и Македонците, за слободата и за човековите права, и кога ја гледам неговата слика со очила-ленонки, си велам тој е нашиот Џон Ленон. Неодоливо ми е чувството дека во неговиот “револуционерен рок-ен-рол“ има голема доза на изворен и тажен македонски блуз – народен блуз, одживеан од напатениот Македонец низ вековите и милениумите.
И навистина дали знаеме што се бил Павел Шатев?
Сестрано и сеопфатно анализирајќи го животот и делото на Павел Шатев, успеав да ги набележам следните негови активности, занимања и функции: Револуционер, Анархист, Гемиџија, Национален деец, Доктор на правни науки, Член на АСНОМ, Член на президиумот на АСНОМ, Дипломат, Државник, Министер, Интелектуалец, Пратеник, Политички емигрант, Писател, Публицист, Историчар, Историограф, Биограф, Документарист, Адвокат, Професор и Разузнавач. Мора да се признае дека сето ова е импресивно.
Со право, без ни малку да погрешиме, констатираме дека Павел Шатев е вистинска македонска историја. Како јавна личност, општественик и деец, преживеа толку многу работи, како ретко кој. Не живееше долго, ама преживеа многу бурни настани и судбоносни процеси и случувања во врска со Македонија, Македонците и Македонските работи.blob:https://objektivno24.mk/a7ea679a-717a-4767-a12f-d7e714e8e41b
Се роди и израсна во Македонија поробена од Отоманската империја. Основно образование завршува во родниот град. Прогимназија завршил во Скопје, а гимназија во Солун.
Живеел и дејствувал во градовите: Кратово – Скопје – Солун – Цариград – Софија – Виена – Берлин – Москва – Парис – Брисел – Битола.
Три пати бил емигрант – во Бугарија, Турција и Австрија. Исто така, има три полициски досиеа – бугарско, руско и македонско.
Ги доживеа и преживеа настаните од формирање на МРО/ВМРО. Ги организираше и изведе солунските атентати, во кои со динамит го крена во воздух францускиот брод “Гвадалкивир“. Современик е на Илинден и Крушевската Република.
Беше суден и осуден на смртна казна, која му е заменета во доживотна казна затвор. Современик е и на Малдотурската револуција. Учествуваше во Балканските војни. Ги преживеа Првата и Втората светска војна.
Кратко бил професор во Трговската гимназија во Солун(1912г.), а до 1915г. бил адвокат во Софија, кога е мобилизиран во бугарската армија до 1918г.
Во 1922 година, на Оснивачки конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација(МЕФО), избран е за претседател. Конгресот усвоил Резолуција за активност на заедничките сили на Македонија за остварување на идеалот – создавање на автономна Македонија, со рамноправност на сите народности.
Се залагал за помирување и обединување на сите македонски емигрантски струи.
Учествува во составувањето на Мајски манифест, Виена, 1924 година
Учествува во создавањето на ВМРО обединета, 1925 година
Соработник е на весникот Македонско дело.
На првата Општа конференција во Берлин(1928г.), како застапник е на национал-револуционерна струја на организацијата, се залага за независна организација од Коминтерната и Бугарската комунистичка партија.
Во Цариград со Михаил Герџиков и Ѓеорги Занков ја оформува национал-феедералистичката струја на ВМРО обединета (1929г.) (Цариградската конференција). Се залага за самостојност на организацијата и за отфрлање на комунистичката “мантија“, т.е комунистичкото “туторство“ на Коминтерната.
Составувал и потпишувал Апел од македонската јавност до светската јавност за слободна и независна Македонија, на двапати во 1939г и 1940г..
Како разузнавач го предвидел нападот на Германија на Советскиот Сојуз.
Како активен разузнавач Советскиот Сојуз, во 1941 година во Софија е уапсен и осуден на 15 години затвор од бугарската фашистичка власт.
По капитулацијата на Бугарија, во септември 1944 година се враќа во Македонија и зема активна улога во јавниот и општествен живот.
На 27 октомври 1944година е кооптиран за член на АСНОМ.
На второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, избран е за член на Президиумот на АСНОМ.
Во април 1945 година станува прв министер за правосудство во Владата на слободна Македонија.
За време на Инфорбирото влегува во судир со македонското раководство и како “непријател на државата“, на 16 јуни 1949 година е уапсен, одземен му е пратеничкиот имунитет и во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци. Потоа е упатен во домашен притвор во Битола, каде е чуван во тешки услови за живот и изолиран од контакти со други лица. Набрзо се разболува, при што не му е дозволено да се лекува, како резултат на што починува во јануари 1951 година. Не му било дозволено на семејството да го погреба во родното Кратово, а било забрането и присуство на блиските на неговиот погреб.
Човекот кој не успеаја да го скршат и уништат османскиот султан и бугарскиот цар, револуционерот кој ги преживеал прогоните и затворањата во затворите Беаз-куле, Еди-куле, Фезан, Енби-кој, деецот кој излегол жив од тортурите во затворите во Софија и Ќустендил, неуморниот борец кој се спасил и од логорите Крстополе(кај Ксанти) и Гонда вода(кај Асановград), за жал, на крајот беше осуден на смрт без обвинение, без судење и пресуда и уништен од агентите на ОЗН-а и УДБА. Погребан е на гробиштата во Битола, кај црквата Света Недела, во јануари 1951година, а дури 1956 година му е подигнат спомен-гробно обележје, од непознат нарачувач.
За слободна и самостојна Македонија се борел со динамит, атентати, револуционерна и политичка дејност, но и со перо. Автор е на голем творечки опус – објавен и необјавен, составен од студии, монографии, статии, белешки и дневници. Ги напишал и објавил книгите: Солунскиот атентат и заточениците во Фезан(1910г.); Македонија под ропство(1934г.); Националните малцинства и самоопределувањето на народите(1936г.); и Колонијалното прашање и сегашната војна(1941г.).
Во ракопис му останува поголем дел од неговото творечко мемоарско и историографско дело: Спомени, белешки, мисли; Врховизмот и централизмот – нивните капацитети, сфаќања и разбирања – два мирогледа; Македонија низ вековите – во древноста, во средниот и новиот век; Белешки и мисли; Доаѓањето на Турците на Балканскиот полуостров; Борис Сарафов – биографија, погледи, дела и др.
Двапати осудуван на смрт, еднаш од турскиот султан, втор пат од бугарскиот цар, и на двапати помилуван, стана жртва на сопствената Македонија на која и го посвети целиот свој живот. Не/официјано, научно и историски, е рехабилитиран со одржувањето на првиот научен собир “Павел Шатев – време, живот, дело“, одржан на 15 и 16 март 1992 година во Кратово. За вистината за Павел Шатев, новинарот и публицист Панче Михајлов, меѓу првите објави брошура – “Павел Шатев – живот и дело, Скопје, 1991 и монографија – Револуционер, родољуб, разузнувач(прилог кон биографијата на Павел Шатев, 1996, Кратово.
Редок македонски национален деец. Легендарен гемиџија. Прекален револуционер – теоретски, идејно и политички изграден за реализирање на Македонското Дело. Искусен дипломат, конспиратор од доверба и притаен разузнувач. Плоден новинар и публицист. Прв македонски историограф. Неговото дело е вткаено во најсудбоносните собитија на македонското национално ослободително движење.
За цело време на својот живот беше храбар, образовен, упорен, одлучен, решителен, искусен, немирен по дух, проверен и напатен револуционер. Чинам дека допрва Македонија ќе треба да вложува напори за да сфати што е и кој е Павел Шатев.
Пишува: Сотир Костов