Клинички со повремени прекини на струја, има ли простор за загриженост во пресрет на зимата?
Два дена во низа делови од Клиничкиот центар во Скопје останале без струја..
Неколку оддели од скопскиот Клинички центар изминативе два дена привремено останаа без струја. Информацијата за Канал 5 ја потврди директорот на Заедничките служби при „Мајка Тереза“, Амар Даут. Тој посочи дека дефектите биле пријавени во четвртокот, но се работело за краток прекин од 15 минути кој не се одразил врз редовното функционирање на установата.
„Клиники каде што трафостаниците испаднаа од мрежа и пријавија кај нас се: Хируршки блок, Интерен блок, Кардиологија, Детска клиника. Кај сите овие клиники веднаш се вклучија агрегатите за резервно напојување. Прекинот беше однадвор и немаше дефект во Клинички центар.“
Сепак, проблеми имало и вчера на Онкологија која без струја била малку подолго. Директорот Васев тврди дека немало прекин на зрачната терапија туку само на издавањето наоди. Смета дека се работи за надворешен дефект бидејќи, како што посочи, клиниката нема заостанати долгови за струја кон ЕВН.
„Ние имаме заштитни генератори за машините за зрачење кои ги штитат од квар. Без струја, нели, клиниката не може да работи. Повеќе беше проблем издавањето на наоди за пациенти, тие чекаа 40-тина минути, но за среќа дојде после струјата, тоа беше рано негде од 9.30 до 10 и нешто. – Дали и друг пат имало вакво проблеми со струјата? Не, за среќа не, претпоставуваме дека најверојатно бил некој дефект, немаме друго објаснување. Ние редовно си плаќаме сметки.“
Од ЕВН соопштија дека оштетен кабел од трафостаницата „Буњаковец“ кон трафостаницата „НИП Нова Македонија“ била причината за дефектот на Клинички, но дека нивните екипи веднаш интервенирале и за кратко време снабдувањето се стабилизирало.
„Клиниката за онкологија е само една од неколкуте од комплексот Мајка Тереза кои во текот на вчерашниот ден накратко останаа без струја. Ова ги поттикна стравувањата кај граѓаните како ќе се одвива снабдувањето со електрична енергија во здравствените установи во текот на претстојната зима.“
Енергетската криза ќе биде вистински предизвик за болниците чии долгови за неплатени сметки за струја надминуваат седум милиони евра. Владата одлучи да ги префрли на регулираниот пазар за да плаќаат поефтина цена за струја од берзанската. Министерот за здравство Беким Сали увери дека зимава болниците нема да останат без електрична и топлинска енергија.