Кедев: Стојам зад сè што кажав, злоупотребите треба да се расчистат – сознанијата не се само мои, туку се искуства од 16 лекари експерти
Стојам зад сè што го кажав во врска со злоупотребите при кардиохируршки интервенции. Тоа го имам кажувано многупати и порано, пред други здравствени авторитети. Овој пат покрена лавина на реакции, јавноста многу се наелектризира, што е исправно. Основната моја мотивација за сето ова е да расчистиме со неправилностите таму каде што можеме, изјави кардиологот Сашко Кедев, кој недамна излезе јавно со тврдења дека се прават непотребни операции и стентирања, по што беше формирана момисија од домашни и странски експерти која треба да утврди дали имало злоупотреби.
Во синоќешното гостување на ТВ Алфа, Кедев оцени дека овој пат здравствениот систем реагираше соодветно, формирана е комисија која ги анализира случаите што до Министерството за здравство ги доставија лекари од Клиниката за кардиологија и Државната кардиохирургија. Целта, според него, е да се воведе соодветна контрола и да се подобри здравствениот систем во кој, како што посочи, сега најмногу се вложува.
– Сведоци сме на невидено инвестирање во здравството. Во моментов има досега највисок буџет за здравство, но за жал не можеме да ги видиме бенефитите од тоа. Суштината е да се воведе контрола во здравствениот систем што ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните и да се спречат неправилностите. Тие неправилности не се од сега, датираат многу години наназад. Јас сум ги отворал многу пати, но никогаш не сум наидувал на поддршка. Овој пат има огромна поддршка и од јавноста и од институциите, што е многу позитивно. Сегашниот министер за здравство е најмалку инволвиран во ова и воопшто нема врска со овие работи. Се надевам дека формирањето на комисијата од домашни експерти во рамки на МЗ, меѓународната комисија и Лекарската комора, ќе дадат голем придонес да се расчисти сето ова, јас сум оптимист и мислам дека ќе направиме позитивен импакт во оваа сфера, рече Кедев.
Смета дека треба да се направат соодветни проверки и во јавното и во приватното здравство, а потоа наодите на комисијата да бидат евалуирани од меѓународни експерти.
– Мислам дека сме на добар пат. Најважно е да ја воведеме контролата и да го подобриме системот, а ова да биде иницијален стимул за тоа, вели Кедев.
Нагласи дека сознанија што ги изнесе пред јавноста и се доставени до МЗ не се само негови, туку тоа се искуства од 16 лекари експерти, интервентни кардиолози и кардиохирурзи.
– Можеби најмалку од овие случаи дошле во контакт со мене директно, најголем дел индиректно, кај колеги кои ме консултирале. Заеднички сме констатирале неправилности. Нашата професија е егзактна и лесно е да се види дали има или нема потреба од нешто. Често работиме во сива зона – кога може, но и не мора да се направи нешто. Суштината е, според медицински базирани докази, многу често не треба да се прави ништо, треба да се применува конзервативен пристап, пациентите да се советуваат за соодветен животен стил, здрава исхрана и оптимална медикаментозна терапија под контрола на лекар специјалист. Сигурно има случаи каде е неопходен најагресивен кардиохируршки третман, но треба да имаме систем кога ќе му го препорачаме тоа на пациентот тоа да е најдоброто нешто за него, истакна Кедев.
За тоа дали е можно да се докажат злоупотребите, тој посочува дека „има сива зона, но има и сигурна зона каде што се знае дека не мора ништо да се прави и тоа е цврсто докажливо со документацијата што ја имаат“.
– Треба да се направи дистинкција во однос на неправилностите. Има сива зона во која може и едно и друго. Но, имаме и зона во која знааеме дека не треба ништо да се прави и тоа многу цврсто е докажливо со документацијата што ја имаме. Работиме со ангиографски филмови, целата процедура се снима и тие докази може да ги евалуираат само компетентни експерти – интервентен кардиолог или кардиохирург, вели Кедев.