Катерина, Радмила и Жикица трчаа 330 км низ Алпите
Македонските ултрамаратонци Катерина Шиповиќ, Радмила Јованова и Жикица Ивановски направија подвиг што за многумина изгледа незамисливо – истрчаа 330 километри низ Алпите во рамките на легендарната Трка на џиновите (Tor des Géants). Во разговор за МКД.мк, тројцата ја споделуваат својата приказна за ова уникатно искуство и за патот што го минуваат само „џиновите“.
Трката на џиновите (Tor des Géants) е една од најтешките и најпрестижни ултрамаратонски трки во светот. Се одржува во регионот Вал д’Aоста во Италија, на Алпите, покрај границата со Франција и Швајцарија. Натпреварувачите треба да ја поминат дистанцата од 330 километри со вкупна денивелација од 26.000 метри, во временски лимит од 150 часа.
Трката се одвива и дење и ноќе, а учесниците сами одлучуваат кога и колку ќе одмораат. Патеката минува низ спектакуларни алпски предели и опфаќа територија од над 30 општини, со планински премини високи над 2.000 метри. Ова е предизвик за кој е потребна комбинација на екстремна физичка издржливост, планинарски способности и психичка сила.
Оваа година бројот на учесниците беше лимитиран на 1.100, а до целта за помалку од 150 часа пристигнаа само 40 проценти од натпреварувачите – меѓу нив и тројцата Македонци. Прв целта ја мина Жикица Ивановски, кој 330-те километри ги помина за 108 часа, 59 минути и 40 секунди, завршувајќи на 126. место во светската конкуренција. Следна беше Катерина Шиповиќ со време од 129 часа, 42 минути и 30 секунди (385. место). Радмила Јованова ја заврши трката за 141 час, 10 минути и 43 секунди, финиширајќи на 539. место во елитата на ултрамаратонците од целиот свет.



