Казни за договарање цени, санкционирани четири компании и ССК
Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) утврди дека четири трговски друштва што работат на пазарот на трговија на мало со прехранбени производи, како и Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) во својство на координатор, учествувале во забранет договор и усогласено однесување спротивно на член 59 од Законот за заштита на конкуренцијата.
Според КЗК, во постапката било утврдено дека на состанок одржан на 5 февруари 2025 година учесниците постигнале усогласен став да не прифаќаат нови или зголемени ценовници од добавувачите. Со тоа, наместо независно пазарно однесување, воспоставиле практична координација, што претставува т.н. „by object“ ограничување на конкуренцијата – забранета практика за која не е потребно дополнително докажување на пазарните последици.
Со донесеното решение, КЗК изрече прекршочни санкции – глоби од по 3.075.000 денари за секое од четирите трговски друштва, додека ССК е санкциониран со глоба од 1.143.000 денари. Од КЗК велат дека казните се изречени со цел спречување идни нарушувања, заштита на потрошувачите и обезбедување фер пазарна конкуренција.



