И денес тензично на Косово – Вучиќ и Курти со меѓусебни обвинувања
Ден по вооружениот конфликт на Косово, во кој загинаа тројца напаѓачи и еден припадник на косовската полиција, сите приоди кон Бањска се уште се блокирани од силни полициски сили, а околу селото се распоредени голем број полицајци со оклопни возила.
Безбедносната состојба и натаму е тензична, информираат од полицијата во Приштина.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи го прогласи денешниот ден за ден на жалост во државата, во чест на полицискиот старешина Африм Буњаку, кој вчера беше убиен во напад на вооружена група на северот од државата. Според последниот извештај од косовските власти, во борбата убиени се 4 лица, од кои еден полицаец и 3ца од напаѓачите.
Од Обвинителството соопштија дека истрагата на лице место продолжува и дека уапсените се товарат за тешки кривични дела против уставниот поредок и безбедноста, како и за напад на уставниот поредок и подготвување терористички акти.
На уапсените им е одреден притвор до 48 часа и се очекува во текот на денот да бидат изведени пред судија на претходна постапка.
Приштина соопшти дека ги проверуваат и верниците кои вчера го поминаа денот во манастирот Бањска, за да утврдат дали меѓу нив има напаѓачи на полицијата или нивни помагачи.
Инаку, српскиот претседател Вучиќ го обвини косовскиот премиер Курти, дека со неговиот однос кон Србите на Косово, е најодговорен за случувањата на северот од земјата.
Курти пак, претходно го посочи официјален Белград, како организатор на нападот во Косово.
Претставникот на Европската Унија за преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, рече дека ќе се фокусира на изнаоѓање пат напред.
– Ваквиот кукавички чин на насилство е длабоко загрижувачки и е во спротивност со самите принципи на мирот и соработката. Моето срце е со жртвите, нивните семејства, пријатели и колеги. Овој ужасен напад дополнително ја нагласува неопходноста од превентивна дипломатија и дијалог, подвлечени во текот на минатата недела, кога учествував на неделата на високо ниво на Генералното собрание на ОН во Њујорк, напиша Лајчек на ФБ.