Свет

Израел ја нападна Газа откако Трамп повика на прекин на бомбардирањето

Цивилната одбрана на Појасот Газа соопшти денес дека израелските сили извршиле десетици напади врз градот Газа во текот на ноќта, и покрај повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до Израел веднаш да го прекине бомбардирањето на палестинските територии.

„Ноќта беше полна со насилство, при што израелската војска изврши десетици напади и пукаше со артилериски оган врз градот Газа и други области во Појасот Газа, и покрај повикот на Трамп за прекин на бомбардирањето“, изјави за АФП портпаролот на Цивилната одбрана Махмуд Басал.

Басал, чија агенција е спасувачка сила што работи под контрола на исламистичкото движење Хамас, додаде дека 20 куќи биле уништени во бомбардирањето во текот на ноќта.

„Ситуацијата во градот Газа е многу сериозна“, рече Басал, нагласувајќи дека неговите тимови не можеле да стигнат до сите жртви поради „присуството на тенкови и континуираното бомбардирање“.

Болницата Ал Мамадани во градот Газа утрово соопшти дека примила тела на четири лица убиени во напад врз куќа во населбата Ал Туфа, како и неколку ранети.

Болницата Насер во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти дека примила тела на две деца и осум ранети по нападот со беспилотно летало врз шатор во камп за раселени лица во Газа.

Исламистичкото движење Хамас во петокот соопшти дека е подготвено за итни преговори за ослободување на израелските заложници држени во Газа и за крај на војната, како дел од планот предложен од Трамп.

Од своја страна, Израел утрово соопшти дека се подготвува да ја спроведе првата фаза од планот на Трамп за ослободување на сите заложници, без да спомене прекин на бомбардирањето.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons