Израелски министер: Нема да прифатиме турски оружени сили во Газа
Израел нема да прифати присуство на турски оружени сили во Газа, како што наложува американскиот план чија цел е трајно окончување на војната на палестинската територија, изјави денес израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар. Планот на американскиот претседател Доналд Трамп вклучува меѓународни сили во Појасот Газа и треба да обезбедуваат кревкото примирје кое започна овој месец, со што ќе се стави крај на двегодишната војна меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.
Но, останува нејасно дали арапските и другите земји ќе бидат подготвени да вклучат свои воени трупи во меѓународните сили. „Земјите што сакаат или се подготвени да испратат вооружени сили треба да бидат барем фер кон Израел“, рече Сар на прес-конференција одржана во Будимпешта.
Некогаш блиските турско-израелски односи драматично се влошија за време на војната во Газа, при што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја критикуваше разорната воздушна и копнена кампања на Израел против малата палестинска енклава.
„Турција, предводена од Ердоган, цело време имаше непријателски пристап кон Израел“, кажа Сар на прес-конференција одржана заедно со неговиот унгарски колега Петер Сијарто. „Затоа, не е разумно да им се дозволи на нивните вооружени сили да влезат во Појасот Газа и ние нема да се согласиме со тоа, што јасно им го кажавме на нашите американски пријатели“, кажа Сар.
И иако администрацијата на Трамп ја исклучи можноста за испраќање американски војници во Појасот Газа, таа разговараше за придонесот на мултинационалните воени сили со Индонезија, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Катар, Турција и Азербејџан.
Минатата недела израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху посочи дека остро ќе се спротивстави на каква било улога на турски безбедносни сили во Газа. Вчера тој кажа дека Израел ќе одлучи кои војници ќе ги пушти во Газа.
Државниот секретар на САД Марко Рубио за време на неговата посета на Израел пред три дена со цел консолидирање на примирјето, кажа дека меѓународните сили ќе мора да бидат составени од „земји со кои Израел се чувствува удобно“. Тој не коментираше за турското учество.



