Зошто еден час има 60 минути: Приказна стара 5.000 години
Иако денес го делиме времето на 24 часа, 60 минути и 60 секунди, овој систем потекнува од античките времиња и одлуки стари илјадници години.
На крајот на 18 век, поточно во 1793 година, Франција се обидела да го промени начинот на мерење на времето со воведување на децимален систем, при што денот требало да има 10 часа, секој час 100 минути, а секоја минута 100 секунди. Сепак, експериментот траел само малку повеќе од една година бидејќи бил непрактичен и збунувачки.
Корените на денешниот систем одат уште подлабоко, до древните Сумери во Месопотамија пред повеќе од 5.000 години, пренесува Би-би-си.
Тие користеле математички систем заснован на бројот 60, кој се покажал исклучително практичен бидејќи може да се подели на многу начини. Тој систем подоцна го презеле Вавилонците, а потоа и старите Грци.
Египќаните биле првите што го поделиле денот на 12 часа, што подоцна довело до денешниот 24-часовен систем. Вавилонците дополнително го развиле делењето на времето на помали единици, со што се поставиле темелите за минутите и секундите.
Иако низ историјата имало обиди времето да се поедностави, како францускиот децимален систем, тие не заживеале. Причината е едноставна, системот што го користиме денес е длабоко вкоренет во секојдневниот живот и науката.
Денес, благодарение на атомските часовници, го мериме времето попрецизно од кога било досега, но сè уште го користиме истиот принцип стар илјадници години.



