Актуелно

Земји членки на унијата со екстремни поскапувања – само една од поразвиените земји во Европа може да се пофали со ниска инфлација

Растот на цените на производите се чуствува насекаде, а последните податоци на европската статистичка канцеларија потврдуваат дека инфлацијата забрзано расте во сите земји. 

Голем број земји членки на Европската унија забележаа високи стапки на инфлација, а меѓу најголемите поскапувања забележа Естонија, која води со рекордни 19,1 отсто инфлација во месец април во споредба со минатата година. Изразито висока стапка на инфлација од земјите членки на унијата имаат и Литванија каде за период од една година била регистрирана 16,6 проценти инфлација и Чешка со 13,2 отсто.

-Годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 7,4 проценти во април 2022 година. Една година претходно, стапката беше 1,6 отсто. Годишната инфлација на Европската унија беше 8,1 проценти во април 2022 година, од 7,8 отсто во март. Една година порано, стапката изнесуваше 2 проценти – објави „ Евростат“.

Најниски годишни стапки, или најмал пораст на цените од земјите членки на унијата е забележан во Франција и Малта, каде инфлацијата достигнала 5,4 проценти, а слична стапка имала и Финска со 5,8 отсто.  

Сепак, убедливо најмал раст на цените на производите од земјите во Европа има една од најбогатите земји, Швајцарија. На годишно ниво во Швајцарија била регистрирана инфлација од само 2,3 проценти. Но, Швајцарија е една од земјите која важи за најскапа.

Меѓу земјите ченки на унијата со високи стапки на инфлација покрај претходно споменатите се и нашите соседи. Во Бугарија според „Евростат“ на годишно ниво е забележана стапка од 12,1 отсто, а инфлација над десет проценти регистрираше и Романија – 11,7 проценти, потоа Полска – 11,4 отсто и Холандија – 11,2 проценти.

Од „Евростат“ посочуваат дека најголем притисок врз цените имала енергетиката, услугите, хранатата, алкохолот и тутунот и неенергетските индустриски стоки.

Високи стапки на инфлација во април месец во споредба со истиот месец минатата година беа забележани и во САД, 8,3 отсто.

Во Македонија на годишно ниво во април месец инфлацијата достигна 10,5 проценти во споредбата со истиот месец минатата година. Како што објави „Фактор“, економистите не очекуваат скорешно смирување на инфлацијата, особено што нема мерки кои можат веднаш да дадат ефект.

-Тенденцијата на раст на животните трошоци нема да застане уште долг период. Дури и да заврши војната во Украина во следниве денови, или во многу краток рок, поскапувањето на пченицата, на храната ќе продолжи. Едноставно има тенденции кои не може да се прекинат. Зависноста од руски гас е многу голема, дополнително е притисокот од скапите енергенси, но и скапата храна која најверојатно ќе продолжи да поскапува – кажа неодамна за „Фактор“ поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.

Народна Банка на Македонија во последната проекција укажа дека инфлацијата оваа година во земјава ќе изнесува 8,8 проценти, а се очекува стабилизација следната година, кога според нив ќе достигне три отсто. Од НБ посочија оти стапката на инфлација е глобален тренд присутен во скоро сите земји.

-Речиси и да нема земја во која нема раст на инфлацијата. Десет проценти е просек за регионот за март, околу 11 во април. Има заеднички фактори кои влијаат врз инфлацијата во сите земји во светот, особено Европа. Минатата година беа ефектите од пандемијата, забавените синџири на снабдување, растот на трошоците за транспорт, нарушените синџири, несовпаѓањето на понудата и побарувачката. На ова се надоврза растот на цените на енергентите, особено струјата, а потоа проблемите се продалабочија со руско-украинскиот конфликт – укажа вицегувернерката Ана Митреска. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons