Здраствениот инспекторат не констатирал пропусти во битолската болница
Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој денеска извршил вонреден инспекциски надзор во битолската Клиничка болница по смртта на шестгодишното девојче, не констатирал недостатоци во рамки на нивните надлежности.
Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на ДСЗИ, се вели во соопштението од ДЗСИ објавено на нивната веб страница.
Извештајот на ДЗСИ го објавуваме во целост:
Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола – одделение за педијатрија во врска со лекувањето и третманот на починатиот пациент Јана Христовска од село Кравари-Битола, и согласно надлежностите изврши увид во медицинската евиденција и документација која се води на одделението во рачна и електронска форма и обезбеди изјави на дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на лицето, при што ја констатира следната фактичка состојба.
Детето било донесено за преглед на одделението на 22 март околу 10 часот без претходен упат од матичен доктор. Била примена на преглед специјалист педијатар, кој искреирал „итен упат“ со упатна дијагноза E86 – дехидратација во 10:07 часот. Добиен е анамнестички податок за покачена температура од пред три дена и болки во грло, заради кое мајката ѝ дала сируп Co-almacin. Ден пред прием е без покачена температура, со повраќање во два наврати, а од вечерта и отоци на очните капаци и болка во нозете по што мајката го прекинала сирупот.
Од клиничкиот преглед во наодот констатиран е присутен оток на очните капаци, хиперемични лаци во тонзилофарингеална регија и обложен јазик. Потоа креиран е упат за биохемиска лабораторија – уринарен, глуциден и ацидобазен статус, земени се примероци од крв и урина за анализа и потоа ординирана терапија –„Хипоглусал 1„ – 500 мл. ( 250 мл. 5% Глукоза и 250 мл.0,9% Натриум хлорид) и amp. Bedoxin. По добиените резултати, во 10:45ч земени се и проширени анализи – крвна слика, ензимски статус, деградациони продукти, глуциден и протеински статус, електролити и липиден статус.
По завршување на инфузијата состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија и сомнолентност. Докторката која извршила првично преглед побара помош од вториот присутен педијатар. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено е на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ записи во 12.34 часот и во 12.42 часот и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог од установата. Во меѓувреме детето прави срцев застој по што е направена е реанимација. Извршена е и консултација со специјалисти – педијатри од ЈЗУ УК за детски болести од оддел за кардиологија и за неврологија за транспорт во таа здравствена установа. По препорака на специјалистот – анестезиолог во болницата направени се дополнителни анализи на ензимскиот и ацидобазниот статус (креатин киназа и тропонин) во 13:34 и во 13.49 часот. Поради дополнително влошување на состојбата, во 14 часот детето е пренесено во службата за интензивно лекување САРИЛ каде е направена кардио пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана смрт во 15:20 часот.
По изјава на двете докторки – специјалисти педијатри по добиените резултати од направените ензимски иследувања за покачени показатели за срцево страдање (креатин киназа и тропонин) известена е мајката на детето за сериозноста на состојбата.
Телото на починатото дете е дадено на обдукција.