ЗБОГУМ НА ПЕКОЛНИТЕ ГОРЕШТИНИ: Доаѓа пријатно заладување
Продор на многу поладен воздух од север доаѓа на Балканот, а ќе ја зафати и нашата Македонија. Овој ладен воздух на Балканот од екстремно високи температури, ќе донесе многу пониски температури од вообичаените за крајот на месец јули, а во алпскиот регион повторно доаѓа снегот. Ладниот воздух ќе услови формирање на циклонски систем (поле со низок воздушен притисок) со центар над Џеновскиот залив, и токму ова ќе услови чести врнежи и временски непогоди ширум Балканот, објави метеорологот Славчо Попоски.
„Под влијание на значително посвежа воздушна маса од север, во текот на новата седмица која што ни претстои, температурите во нашата Република Македонија ќе бидат пониски дури и за повеќе од 10 степени во споредба од оние кои што ги имавме вчера (сабота 26 јули). Особено од вторник (29 јули) ,максималните дневни температури на воздухот кај нас ќе се искачуваат во интервалот од 25 до 33 степени, во Скопскиот регион исто така температурата ќе биде пониска за околу 10 степени и од вторник (29 јули) таа ќе се искачува до околу 33 степени.
Сето ова ќе биде проследено со повремено засилен ветер од северен правец, а наутро ќе биде и уште посвежо со минимални температури кои ќе се спуштаат во интервалот од 11 до 19 степени, а на повисоките и на планинските места температурите има услови да се спуштат и под 10 степени.
Сепак, атмосферата нема да биде целосно стабилна, па така, локално и повремено ќе се развиваат конвективни грмотевични облачни јадра од кои очекувам појава на краткотрајни поројни врнежи од дожд, појава на грмежи и засилен ветер, а можна е и појава на краткотрајно невреме проследено со силен ветер и со појава на град.
Се на се, кончено ни доаѓа многу попријатно време, а екстремно топлиот бран конечно ќе си замине од нашата Република Македонија и од регионот, а наутро како што веќе напоменав и најавив ќе биде и значително посвежо на повеќе места во нашата Република Македонија“, објави тој.