За храна, пијалоци и тутун лани во Македонија се потрошиле 2,08 милијарди евра
Вкупниот промет во сегментот на храна, пијалаци и тутун за 2024-та година изнесувал 2,08 милијарди евра што претставува приближно 5% раст во споредба со претходната година. За тековната се очекува да изнесува до 2.28 милијарди евра или раст од приближно 180 милиони евра (или 9%), покажува истражувањето на Инсајдер ИД.
Дел растот, според истражувањето, ќе биде предизвикан од инфлацијата, која е очекувана да изнесува помеѓу 3.00% – 3.20% во 2025-та но и приспособување на маркетите на пазарните околности што ќе придонесе за постабилен раст.
Растот на целиот сегмент во 2024/23 е 5%, но во исто време инфлацијата изнесува 3.50% што посочува дека реалниот раст е значително низок.

Вкупниот промет на националните ланци на маркети во 2024-та изнесувал приближно 1,1 милијарди евра и се очекува да се зголеми до 1,25 милијарди во 2025-та година. Најголем дел од прометот го остваруваат тврдите дисконти или 676 милиони евра, наспроти 451 милиони евра остварени од класичните ланци на маркети.
Според изработените проекции, за 2025-та се очекува прометот да достигне 786 милиони евра за дисконтите и 468 милиони евра за класичните ланци. И покрај осцилациите, вкупниот промет и тој на маркетите имаат континуиран раст, со исклучок на кризната 2020-та година.
Бројките за 2024-та кои Инсајдер ИД ги проектираше како раст на прометот до 2.2 милијарди евра се во рангот, но има отстапување од приближно 5%, кој што се должи пред се на намалување на инфлацијата и мерките за намалување на нејзините ефекти.
Профитот на националните ланци за последната година е 29 милиони евра, или 2.6% анализиран како нето-профитна маржа. Забележливо е дека и покрај значителното зголемувањето на приходот во последните 6 години на националните ланци, профитот се намалува.
Како нето-профитна маржа бил највисок во 2020-та година со 4.2%, кога се остварени 682 милиони евра вкупен промет а профит од 30 милиони евра, додека најнизок во 2024-та со 1.1 милијарди евра промет а 29 милиони евра профит. Таа стагнација потенцијално е последица на зголемувањето на учеството на тврдите дисконти, кои традиционално имаат пониски профитни маргини во споредба со класичните ланци, но и интензивирање на конкуренцијата помеѓу ланците која што најчесто се базира на ценовната политика.

Забележливо е дека националните ланци, особено тврдите дисконти, растат со значително повисока стапка во споредба со генералниот раст. Во последната 2024-та година за која има достапни податоци, целиот сектор храна, пијалаци и тутун е 5%, споредбено со 17% на тврдите дисконти и 8% кај класичните ланци. Двоцифрениот раст на прометот на националните ланци е предизвикан, пред се, од растот на тврдите дисконти.
Според истражувањето, тврдите дисконти бележат значителен раст во последните шест години во секој аспект од работењето од приход, учество на пазарот до препознатливост и преференца помеѓу потрошувачите. Според прометот, од ланци кои значително заостанувале во споредба со класичните ланци, до апсолутни лидери на пазарот.