За два месеци 30 вработени си заминале од Клиничката болница во Штип
Недостиг на лекари, медицински персонал, хигиеничари, но и друг стручен кадар е еден од најгорливите проблеми, кој веќе една деценија се провлекува низ македонскиот здравствен систем. Во Клиничката болница-Штип за само еден – два месеци си заминале 30 вработени. Во моментов, болницата работи со сто вработени помалку од предвидената бројка или тоа се сто испразнети работни места, открива во интервју за МИА директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Ѓеорѓијев.
Најкритично е на Одделението за анестезиологија, кое за еден месец ќе функционира само со тројца анестезиолози. Лекари специјалисти недостигаат и на Ортопедија, Интерно, Очно, Инфективно, а медицински сестри, болничари и хигиеничари недостигаат на сите одделенија.
Во видеоинтервјуто снимено во прес-центарот на МИА во Штип, Ѓеорѓијев забележува дека болниците на свој грб ги почуствуваа пандемијата, економската и енергетската криза, кои придонесоа долгот за две – три години да се зголеми за дополнителни 40 милиони денари.
Директорот на Клиничката болница во Штип во интервјуто за МИА говори и за инвестициите, реконструкција на дел од Одделот за физикална терапија, како и за проблемите кои им ги предизвикал хакерскиот напад на Фондот за здравство.
За само две и пол години си заминале 70 вработени или Клиничката болница во Штип работи со 20 проценти помал број вработени. Господине Ѓеорѓијев, со какви проблеми се соочувате токму поради недостиг на лекари во изминатите години?
– Информацијата веќе ја кажавте дека Клиничката болница има 70 вработени помалку овие две и пол години. Тоа е податок, којшто беше некаде до пред крајот на минатата година. Сега имавме една друга ситуација – поголем број здравствени работници и соработници заминаа во приватна болница, така што со оние кои во меѓувреме се пензионираа во овие два-три месеца дојдовме до бројка од 100 луѓе помалку во Клиничката болница Штип.
Бидејќи се работи за вработени кои се од сите профили – доктори, медицински сестри, болничари, хигиеничари итн., јасно е дека тоа мора да има одредени реперкусии врз работата на Клиничката болница Штип, така што во сите сегменти имаме одредени тешкотии во организација на работата. Се трудиме сето она што е наша задача, сите здравствени услуги што ги имаме како Клиничка болница Штип и како регионален центар на здравството во југоисточна Македонија да го одржиме нивото, но со таков одлив на кадар којшто во моментов го имаме сè потешко успеваме да го одржиме тоа ниво на здравствени услуги што ги имаме.
Рековте 100 веднаш по Нова година, каде најмногу недостигаат лекари, на кои одделенија?
– Имаме неколку оддели каде што исклучително многу ни требаат лекари. Можам да ги набројам одделите, каде што имаме сериозен проблем. Тука пред сè мислам на Одделот за анестезија. Таму веќе за помалку од месец уште еден лекар ќе оди во пензија, така што ќе останеме со тројца анестезиолози. Имајќи предвид дека Одделот за анестезија е буквално сервис на сите други оддели, бидејќи сите имаме потреба од него, сите хируршки гранки, сметам дека во тој дел е сериозно намален бројот на лекари. Имаме проблем на Одделот за ортопедија, таму исто така имаме мал број извршители, секојдневно се создаваат метежи. Имаме исклучително многу прегледи во амбуланта, исклучително голем оперативен програм на Одделот за ортопедија. Имаме проблем на Одделот за интерни болести, таму ни фалат лекари. Имаме проблем на Одделот за очни болести, на Одделот за инфективни болести, така што има повеќе оддели каде што фалат лекари, некаде повеќе, некаде помалку, овие се оддели каде што најмногу ни фалат лекари. А, што се однесува до средномедицинскиот кадар, како и на останатиот помошно-технички персонал, како што се хигиеничари и болничари, мислам дека буквално нема оддел каде што нема недостиг.