Актуелно

За двата километри автопат кај Блаце ќе се платат уште 10 милиони евра

За „докомплетирање и отстранување на недостатоците“ на првата фаза од автопатот од граничниот премин Блаце до селото Блаце во должина од 2 километри, градежната компанија „Гранит“ доби уште еден договор од Јавното претпријатие за државни патишта.

Ова е еден вид на шок за јавноста, ако се знае дека „Гранит“ веќе доби еден договор за изградба на оваа фаза од автопатот од коридор 10 со кој Скопје треба да се поврзе со македонско-косовската граница и изнесуваше 14,3 милиони евра со рок на изведба до август 2021.

Новиот договор кој ЈП за државни патишта го објави на системот за јавни набавки е потпишан на крајот од минатиот месец и изнесува 10 милиони евра, односно 598,4 милиони денари без ДДВ или 706 милиони денари со ДДВ.

Во договорот се вклучени земјени градежни работи, заштита на косини, осветлување, инсталациони работи, бетонирање и армирање, врзување на карпа итн. Рокот на договорот е 36 месеци со можност за негово намалување или продолжување.

Изградбата на овој автопат доцни веќе неколку години. Во јануари 2020 година беше потпишан Договорот за изградба на првите два километра на автопатот, а во мај, два месеца пред вонредните парламентарни избори, на терен почнаа градежни активности за првата траса. 

„Рокот за изградба на првата делница од автопатот Скопје-Блаце во должина од два километра ќе се пролонгира бидејки тешко оди експропријацијата на земјиштето, а на терен излегле и други непредвидени ситуации“, кажа лани директорот на „Државни патишта“, Ејуп Рустеми.

За останатиот дел од автопатот од 10 километри, Европската банка за обнова и развој обезбедува заем од 167,6 милиони евра под гаранции од државата (на 16 години), а 20,8 милиони евра се обезбедени како грант од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Овој автопат треба да го скрати времето на патување Скопје-Приштина за 45 минути.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons