Еден „ер трактор“ на ДЗС се врати од сервис!
Денеска, еден воздухоплов „ер трактор“ (Air Tractor AT-802A Fire Boss – Z3-BGV) за гаснење пожари, на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), беше вратен на меѓународниот аеродром „Скопје“, по завршувањето на годишната инспекција – сервисирање.
Тоа се остварува според Техничката спецификација во договорот и дополнителните и/или нерутински (непредвидени) задачи и услуги од страна на ЕАСА (EASA Part-145) овластената организација за одржување воздухоплови.
Согласно Договорот за поправка и сервисирање на воздухоплови и резервни делови годишната инспекција е завршена во рамки на предвидените 60 дена.
Новиот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов претходно истакна дека Дирекцијата веќе подолго време е во многу лоша состојба, дека покрај недостиг на пилоти и обучен кадар за кризни состојби и натаму има проблеми со сервисирање авионите за гасење пожари.
Ангелов вели дека во многу скоро време проблемите ќе бидат отстранети за да го дочекаат подготвени летото кога и вообичаено има пожари.
„Во овој момент во државата нема ниту еден функционален ер трактор, но јас сум оптимист дека набргу ќе ги имаме трите ер трактори заедно со посадите, односно пилотите. Тие моментално се на сервис, постојат одредени би рекол проблеми но верувам дека брзо ќе бидат отстранети и истите ќе бидат вратени во државата благовремено во пресрет на претстојните пожари“, рече Ангелов.