МакедонијаНајново

До крајот на годината на јавна расправа новиот закон за високо образование

До 25 декември се очекува на националниот регистар на прописи (ЕНЕР) да биде ставен на јавна расправа новиот закон за високото образование. Исто така, наскоро ќе има нова нацрт-концепција за гимназиското образование, откако поради реакции на почетокот од годинава беше повлечена првата нацрт-концепција.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска на панел-дискусија соопшти неколку новини во новото законско решение за високото образование кои треба да го подобрат квалитетот на наставата на факултетите за да се подигне позицијата на нашите универзитети на Шангајската ранг-листа

Таа посочи дека ќе бидат зајакнати критериумите за избор во звања на факултетите односно за премин од асистент во доцент, вонреден и редовен професор, со цел, како што рече, на тој начин тие да бидат мотивирани и стимулирани за нивниот лични напредок и да придонесат за општеството.

-И на тој начин да постигнеме број на објавени трудови во списанија со импакт-фактор што ќе ни помогне да се придвижиме нагоре на ранг-листите. Подолг период како Влада и јас како министер промовираме барем еден, а јас би сакала сите државни универзитети, да се поткачат на Шангајската листа, затоа што ние сме невидливи и нè нема на листите за рангирање. Оттука, за да можеме тоа да го постигнеме, мора некако да ги мотивираме наставниците малку повеќе да се вклучат во научно-образовните процеси – изјави Јаневска по панелот за образование и наука во рамки на форумот „Соработка на владата и граѓанското општество“.

Покрај оваа, ќе има и голем број други новини во новиот закон. Меѓу нив, рече, е растоварување на студентското организирање од влијанието на факултетите и изнаоѓање најдобар начин за финансирање на универзитетите кои ќе покажат резултати.

-Имаме измени и во правец на избор на раководствата, дела кои ќе го следат успехот на факултетите, ја дорегулираме и улогата на Националниот совет кој е од исклучително значење. Во исто време го работиме и законот за квалитет во високото образование каде што правиме комплетна реформа на Агенцијата за квалитет во високото образование и науката, по консултација со домашни и странски експерти, кои исто ќе влијаат на квалитетот на образованието, а се поврзани со законот за високо образование – рече Јаневска.

По повлекувањето на нацрт-концепцијата за гимназиско образование поради реакции кои главно доаѓаа од општествените науки, министерката на панелот соопшти дека наскоро ќе има нова нацрт-концепција различна од претходната.

-Ќе биде различна од претходната. Новата драфт-верзија ја подготвува Бирото за развој на образованието во договор и комуникација со Министерството затоа што заеднички ги правиме анализите. Во овој момент одиме во два смера – првите две години општи, а трета и четврта година – еден насочен кон природно-математичките науки, другиот насочен кон општествените науки. Релативно брзо очекувам драфт-верзијата на оваа концепција да ја види виделината и да биде ставена на јавна расправа – изјави Јаневска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons