Дојави за бомби во повеќе основни училишта во Белград
Дојави за поставени бомби стигнаа утрово во неколку белградски училишта, а надлежните служби се известени, пренесува РТС.
Дојави стигнале во 6 основни училишта во Белград и уште во неколку новобелградски и земунски училишта.
Како што пренесува РТС, родителите добиле пораки да не ги носат децата на училиште, наставата не почнала, а децата што пристигнале се враќаат дома.
Во некои училишта проверките веќе се завршени и се утврдило дека дојавите биле лажни.
Две лажни дојави дека експлозивни направи се поставени на железничката станица Нови Београд и во белградската ЗОО-градина беа пратени и на 15 мај.
Едната од низата лажни пријави беше во петокот, на 13 мај, кога закани за поставени бомби биле упатени на адресите на три трговски центри и четири студентски домови во Белград.
Јавните објекти во Белград во последниве месеци, од почетокот на руската инвазија врз Украина, беа цел на лажни дојави за поставени бомби.
Министерството за внатрешни работи на Србија претходно соопшти дека поради дојавите за бомбите ќе побара помош преку меѓународна оперативна полициска соработка за добивање податоци за порачателот, организаторите и извршителите на ова кривично дело.
Властите во Србија досега немаат соопштено кои се одговорните за овие лажни пријави.
Беше речено дека заканите за наводно поставените бомби стигнуваат по електронска пошта од странство од шифриран сервис, кој, за разлика од другите сервиси, не складира податоци.