Димитриевски смета дека бил измамен од Валенсија, па бара беспари да го напушти клубот
Медиумите од Шпанија пренесуваат дека Столе Димитриевски побарал од Валенсија беспари да замине, Македонецот смета дека бил измамен и затоа треба да добие одврзани раце да си најде нов клуб.
Столе Димитриевски смета дека бил измамен од Валенсија, не биле исполнети ветувањата, па бара беспари да направи трансфер до крајот на летниот преоден рок.
Македонецот минатото лето ја прифатил понудата на „лилјаците“ откако му било кажано дека ќе биде број 1 на Местаља. Но ситуацијата целосно се промени откако Героги Мамардашвили остана уште една година и покрај тоа што беше продаден на Ливерпул.
Столе Димитриевски максимално професионално го прифати ова, не се бунеше, трпеливо чекаше шанса од клупата и прикажа одлични партии кога го менуваше повредениот Георги Мамардашвили.
Но кон финишот на сезоната, тој доби нов удар од Валенсија и тренерот Карлос Корберан. Во последните две кола, кога натпреварите не беа од резултатско значење, Столе Димитриевски добил ветување дека ќе биде стартер, но тоа не се случи, тој остана на клупата.
Ова значело и финансиски удар, односно му фалело еден натпревар за да стигне до бонус од 300.000 евра.
И покрај новата неправда, Столе Димитриевски продолжува да работи напорно со верба дека во новата сезона конечно ќе ја дочека својата шанса.
Но следи нов удар, Карлос Корберан бара ангажман на нов голман и на Местаља пристигнува Хулен Агирезабала.
И не само тоа, голманот пристигнува со клаузула според која Валенсија ќе треба да плати екстра пари доколку не му обезбеди одреден број на натпревари.
Столе Димитриевски сфаќа дека сега е во подредена ситуација, и дека практично тој нема шанси да игра бидејќи тоа ќе значи Валенсија да плаќа пенали.
Овој потег ја прелива чашата и Столе Димитриевски бара од Валенсија да му даде одврзани раце да си пронајде нов клуб. Македонецот не разбира зошто популарните „лилјаци“ бараат бари за негов трансфер кога во неколку наврати го прекршиле дадениот збор.
Останува да се види дали двете страни ќе пронајдат компромис во последните денови од летниот преоден рок.
Лил, Фенербахче, Селта и Леванте се посочуваат како клубовите кои го меркаат Столе Димитриевски, но тие преферираат да го ангажираат Македонецот бес да платат обесштетување.