Актуелно

Децата на Македонците во Италија ќе учат мајчин јазик 

Македонскиот јазик ќе се изучува во училиштата во Италија, во градовите каде има најмногу Македонци – ова го предвидува пилот-проектот кој е дел од петтата Програма за соработка на полето на културата, образованието и науката меѓу Македонија и Италија.

Програмата ја потпишаа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри, во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје.

Амбасадорот како особено значајни ги истакна културните проекти реализирани меѓу двете земји, а најави дека ќе биде организирана и Недела посветена на италијанската кујна, која има културна вредност, препознаена и од УНЕСКО.

Силвестри додаде дека во тек е и Неделата на италијанскиот јазик во светот, којашто започна во понеделникот и е посветена на италијанскиот јазик што го говорат младите.

Според министерката Костадиновска-Стојчевска, оваа Програма која важи до 2025 година, овозможува продлабочување и зацврстување на комуникацијата, размена на искуства и афирмација на вредностите на двете земји, како и поволности за младите преку стипендии и размени.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons