Година и осум месеци затвор за сопственикот на Беса Транс, изгорениот автобус немал лиценца
Сопственикот на Беса Транс чиј автобус изгоре во Бугарија доби една година и осум месеци затвор за фалсификување на лиценцата за меѓународен превоз. Судот го огласи за виновен Беким Хаџиу, бидејќи како што наведува во пресудата, со лажен документ овозможил возилото да сообраќа надвор од државата. Фирмата ќе треба да плати и парична казна од 13 илјади евра, а во следните четири години не смее да бара лиценца за превоз.
Одбраната ќе се жали на пресудата. Немало доказ дека лиценцата за автобусот е фалсификат.
Според обвинителството, пресудата била потврда дека автобусот немал дозвола да патува во странство. Велат, за возилото не била побарана ниту издадена лиценца за меѓународен превоз.
Во меѓувреме, повеќе не функционира интернет страницата за проверка на лиценците на автобусите и возачите која беше отворена по несреќата во Бугарија. Таму граѓаните сами можеа да проверат дали се возат со компанија која ги поседува сите неопходни дозволи.
Беким Хаџиу седна на обвинителна клупа откако изгоре неговиот автобус кој се враќаше од Турција. Проверките откриле дека дури 20 пати возилото патувало во странство иако немало дозвола за меѓународен превоз.
Од обвинителството објснуваат дека предметот не е поврзан со трагедијата во која загинаа 45 патници. Бугарските власти случајот го затворија како несреќа предизвикана од возачот и сообраќајните решенија на автопатот.