Македонија

Во петок ќе почне комисиската расправа за предлог – буџетот за 2026

Следната недела почнува собраниската расправа за предлог буџетот за 2026. Документот ќе се најде пред пратениците во комисијата за финансирање и буџет во петок. До утре, пак, може да се поднесуваат амандмани. 

Според предлогот, државната каса догодина ќе тежи рекордни 6,7 милијарди евра. Планот на Владата е да потроши околу 150 милиони евра повеќе од оваа година. Се очекуваат приходи од 6,1 милијарди евра што ќе резултира со буџетски дефицит од околу 600 милиони евра.

Очекувањата се идната година економијата да порасне за 3,8% а инфлацијата да се стабилизира на 2,5%. Во буџетот предвидени се 7% повеќе пари за плати и околу 9,7% повеќе пари за пензии. 

Ова, според опозицијата, не е доволно. Од СДСМ велат дека цените неконтролирано растат, а платите и пензиите не го следат растот на трошоците за живот.

„Во новиот Буџет за 2026 година не е предвидено зголемување на минималната плата на 500 евра, ниту мерки за намалување на цените. Тоа значи дека цела следна година граѓаните и работниците може да очекуваат уште поскап живот, а Владата нема да преземе ништо. Сега е јасно: на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара граѓаните да живеат сè полошо. Ова е стратегија за ослабување на нивната економска моќ, за ширење очај и разочараност. Целта е да ги обесхрабрат граѓаните и работниците да бараат подобри плати и приходи. Да ги прифатат политиките на ниски стандарди и евтина работна сила“ – Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ 

Од ВМРО-ДПМНЕ им вратија – „доколку граѓаните беа навистина незадоволни од работата на ВМРО-ДПМНЕ, немаше да и дадат толкава и убедлива поддршка на локалните избори. Тоа е најјасната порака од народот дека има доверба во политиките кои носат резултати. Како може токму партијата која со години го оштетуваше државниот буџет за лични и партиски интереси, денес да држи прес-конференции за подобар животен стандард и економија. Колку е иронично што СДС зборува за инфлација  кога токму во нивно време државата се соочи со двоцифрена инфлација и економска нестабилност“.

Комисиската расправата за буџетот трае 10 дена, од кои најмногу 4 дена за општ претрес и 6 дена за амандмани. Потоа Владата ги вградува измените во буџетот со кои се согласила и го враќа назад во Собранието каде продолжува на пленарна седница. Таа, според најавите од претседателот на Собранието Гаши, се очекува да се одржи на 9-ти декември.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons