Во Македонија недостигаат 340 пожарникари, а болните се превезуваат и со 35 години стари амбулантни возила
Противпожарните возила што се користат во Македонија се просечно стари по 27 години, а недостигаат 340 пожарникари. Слично е и кај амбулантните возила кои ги имаме 263, просечно стари по 12 години, а само 30 од новонабавените вакви возила се нови, додека другите се купени „на старо“. Ова се резултатите од најновите истражувања и бази на податоци на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) на сите амбулантни возила и возила за противпожарна заштита, како и за бројот на пожарникари во сите 34 единици во земјава.
Објавено на
6.6.2023 – 10:45
Сподели
Истражувањето и базата на податоци на бројот на пожарникари и противпожарни возила покажува дека во Македонија 34-те противпожарни единици вкупно имаат 284 возила, од оние што гасат пожар до цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.
Половина од вкупно 284-те возила се постари од 30 години, додека само 15 % од возилата се стари до 10 години. Во последните три години се набавени дополнителни 65 возила, но и тие се со просечна старост од 17 години.
Најстари возила со просечна старост од 39 години, има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане. Следно, со просечно стари возила од 38 години е Кратово, а 36 години просечна старост имаат возилата на валандовската противпожарна едница.
Најнов возен парк имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години.
Најстаро противпожарно возило од 57 години е камионот ТАМ од 1966 година, на валандовската единица. Следат четири возила, само по една година помлади, произведени во 1967 година и тоа: два мерцедеси на Македонска Каменица и Битола, и по еден ТАМ и ФАП на Крива Паланка и Демир Хисар.
Од марките возила, најзастапени се камионите ФАП од кои има дури 50 возила, просечно стари 39 години, а следни се 28 лади ниви, просечно стари 23 години.
Во земјава сè уште недостигаат 340 пожарникари, иако последниот попис на населението покажа значително помалку жители со што се намали и законски потребниот број пожарникари по жител.
Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава.
Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Следни се Куманово – каде има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола, со 21 пожарникар помалку и Тетово кому му недостигаат 17 пожарникари.
Спротивно, најдобро стои Ресен со дури 6 пожарникари над законски определениот број, и неколку општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.
Истражувањето и базата на податоци на амбулантните и санитетските возила на здравствените установи покажува дека Македонија има вкупно 263 вакви возила. Санитетско или амбулантно возило поседуваат вкупно 58 здравствени установи.
Најстарото возило – мерцедес од 1988 година, го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево. Најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово.
Просечната набавна вредност на возилата е 38 илјади евра. Најскапо купени воопшто вакви возила во земјава се двете возила подарени од Министерството за здравство на Клиниката за детски болести од Скопје во далечните 2001 и 2013 година, со набавна вредност од 105 и 135 илјади евра.
Дури 73 % од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22 % од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства.
Министерството за здравство најчесто се јавува како институција која им ги отстапува на користење возилата на здравствените установи, додека како донатори се јавуваат други земји, невладини организации или поединци.
Најчеста марка амбулантни и санитетски возила е рено, од која има дури 74 возила, од кои 62 возила се од моделот трафик. Следни се цитроен со 35 возила, како и фиат и фолксваген со по 26 возила.
Споредбата со истото вакво истражување покажува дека сега има 80 вакви возила повеќе отколку во 2019 година, но само 30 од новостекнатите 80 возила се нови, односно произведени во последните три години, додека другите се повторно стари возила.