Македонија

Воз на линијата Гевгелија-Солун излетал од шините, пругата може да биде блокирана два месеца

Дел од товарен воз што сообраќал од Гевгелија кон Солун, синоќа делумно излетал од шините во близина на Поликастро во северна Грција, а според првиот човек на железничкиот синдикат, поради нанесената штета на шините за околу два месеци ќе биде затворена рутата Скопје-Солун, јавува „Прототема“.

Од компанијата „Хеленик трејн“ велат дека вчера околу 21:30 часот во близина на Поликастро „делумно излетала од шините задната оска на втората локомотива на товарниот воз 45201, кој сообраќа на релација Гевгелија-Солун“. Оттаму додаваат дека немало опасност за екипажот на возот, а компанијата ги истражува причините за инцидентот.

Генералниот секретар на грчкиот Железнички синдикат, Никос Цикалакис, изјави дека екипи ја проценуваат ситуацијата, како и дека е можно целосно да се затвори станицата Идомени за да се санира штетата.

– Според првичните информации, штетата е над четири километри, па европската рута на земјава од Скопје ќе биде затворена два месеца, изјави Цикалакис и додаде дека во тоа време, ќе постои само линијата од Бугарија и само таа ќе се користи за меѓународен сообраќај.

Информацијата дека поради штетата на шините, меѓународната линија преку Скопје, се очекува да остане затворена околу два месеци ја пренесе и државната телевизија ЕРТ повикувајќи се на извори од ОСЕ.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons