Владата ја ограничи маржата на училишниот прибор
Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека Владата донесе одлука за ограничување на маржата за училишниот прибор и тоа на 5 отсто за големопродажба и 10 отсто за малопродажба.
Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата, ограничувањето на маржата е во рамките на кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе! Се грижиме“, а одлуката е донесена на денешната седница на Владата.
Најави дека и понатаму ќе има ограничувања на маржите и профитот на поединци кои, како што кажа, генерираат профити и со тоа ја зголемуваат инфлацијата.
Прашан дали носењето на оваа мерка не требаше да се направи порано, рече дека не е задоцнето нејзиното носење и додаде дека ќе следат мерки за заштита на есенската и зимската кошничка.