МакедонијаНајново

Бугарија го уверувала Ескобар дека нема да додава нови услови за Македонија 

Бугарија вели дека нема да даде нови услови за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската унија, истакна заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар за Гласот на Америка.

Тој рече дека бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Северна Македонија на патот кон ЕУ и нагласи дека не се работи за гаранции, туку само за уверување од Бугарија оти сакала да го види регионот да се движи напред на европскиот пат.

– Имав разговори со моите бугарски колеги и тие ме уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови. Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму. И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде, да остане засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека Северна Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес – вели Ескобар.

На прашањето дали САД се загрижени ако уставните измени бидат изгласани на сметка на поткопување на владеење на правото и правдата, со оглед на тоа што некои медиумски извештаи сугерираа оти намалувањето на затворските казни за функционерите било направено со цел да се обезбедат гласови за уставните измени, Ескобар рече дека нема да шпекулира за тоа што се случува на внатрешен план.

– Тоа е на луѓето на Северна Македонија да го одлучат. Сакам да бидам многу јасен дека нашиот став е дека секоја земја што влегува во Европската Унија е попросперитетна, подемократска и постабилна, поради посветеноста на вредностите и посветеноста на владеењето на правото. А оние реформи што се потребни за членство во ЕУ треба да се одржат, тие треба да бидат целта кон која се стреми Северна Македонија – порача тој.

Тој, исто така, рече дека нема информации за можни преговори и пазарење за уставните измени меѓу владата и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски, како што изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons