„Безбеден град“ за еден ден регистрираше 646 прекршоци
Системот „Безбеден град“ само за еден ден регистрираше вкупно 646 сообраќајни прекршоци на територијата на државата, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи. Најголем дел од прекршоците вчера се однесуваа на пречекорување на дозволената брзина, но евидентирани се и десетици случаи на минување на црвено светло.
За минување на црвено светло се констатирани 64 прекршоци, од кои 35 во Скопје, пет во Тетово и 24 во Куманово. Паралелно со тоа, системот регистрирал дури 582 случаи на возење со брзина поголема од дозволената.
Од нив, 445 прекршоци се евидентирани на подрачјето на Скопје, 36 во Тетово, 31 во Куманово, додека 70 прекршоци се забележани на патните коридори низ државата.
Како последица на овие прекршоци, полицијата изрекла вкупно 101 забрана за управување моторно возило, по основ на двата вида сообраќајни прекршоци.
Од МВР апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, потенцирајќи дека системот „Безбеден град“ функционира континуирано и има за цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните несреќи.



