МакедонијаНајново

Банките токмат нови камати откако НБРМ ја зголеми каматната стапка

Банките токмат нови камати откако НБРМ ја зголеми каматната стапка.

Банките прават пресметки колку би пораснале каматите на кредитите по одлуката на Народната банка да ја зголеми каматната стапка на 0,25 процентни поени. Во зависност од политиката на самата банка поединечно ќе се носат одлуки, велат од Македонската банкарска асоцијација. Каматите би можеле да се зголемат кај потрошувачките кредити, кредитните картички, дозволеното пречекорување и некои други банкарски услуги.

„Нашите членки сè уште ги разгледуваат опциите за корекција на каматните стапки. Соодветно на тоа може да се очекува дека ќе се направат прилагодувања на каматните стапки во согласност со своите деловни политики“, велат од Македонска банкарска асоцијација.

Од Асоцијацијата апелираат граѓаните да си ги прочитаат договорите кои ги имаат веќе склучено со банките. Раст на каматите не би требало да има кај оние кредити коишто имаат фиксна каматна стапка за одреден временски период, во зависност од договорот.

„Вообичаена практика е промената на каматните стапки да не се однесува на фиксните каматни стапки сè до периодот на важноста на договорот за кредит и до рокот на достасување на депозитот“, нагласуваат од Македонска банкарска асоцијација.

Зголемувањето на каматната стапка од 1,25 процентни поенти на 1,5 е одлука на Народната банка за да се забави стапката на инфлација. Како одговор на растот на цените и Федералните резерви на САД на почеток на месецов ја зголемија каматната стапка, но засега Европската централна банка нема таква одлука. Економистите кај нас одлуката на НБРМ ја толкуваат како блага мерка, па не се исклучува ново второ зголемување, откако слично ќе постапи и Европската банка.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons