Ален Рустемовски победник на турнирот „Златен гонг“
Македонскиот боксерски репрезентативец Ален Рустемовски триумфираше на традиционалниот турнир „Златен гонг“.
Турнирот се одржа во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, а Рустемовски до трофејот стигна по убедлива едногласна победа над Англичанецот Џозеф Тарнер.
Беа доделени и повеќе индивидуални награди: за најдобар македонски боксер беше прогласен Адријан Рустемовски, Даврон Бозоров го доби признанието за најдобар странски боксер, додека за најдобар техничар беше избран Англичанецот Џозеф Тарнер.
Наградата за најборбен пар им припадна на Рио Гордон од Англија и Наум Стојаноски. За најдобар тренер беше издиференциран Михал Мунетан од Молдавија, а Роберт Винеман доби признание за најдобар судија. Настанот помина во одлична атмосфера, со квалитетни борби низ двата натпреварувачки дена.
„Јас како претседател на Федерацијата сум презадоволен од тоа како помина настанот изминатите два дена. Најпрво да упатам огромна благодарност до Министерот за Спорт господинот Борко Ристовски и ресорното министерство кои ни помогнаа настанот да се одржи и се да помине во најдобар ред. Благодарност до новиот градоначалник на општина Карпош Сотир Лукровски кој го отвори турнирот. Воедно упатувам срдечни честитки до нашите претставници и боксери кои ја претставија Македонија во најдобро светло и ни донесоа нови признанија , меѓу и главната Златниот Гонг“ – изјави првиот човек на Националната Боксерска Федерација, Кристијан Андреевски.



