Свет

Франција и Германија постигнаа голем договор за иднината на автомобилската индустрија

Франција и Германија се договорија да поддржат ублажување на правилата на Европската Унија за емисиите на штетни гасови од автомобилите, во рамките на поширок договор за иднината на автомобилската индустрија, потврдиле дипломатски извори за АФП.

Двете најголеми европски економии се согласиле и Велика Британија да биде вклучена во дефиницијата за возила што би можеле да ја носат ознаката „произведено во Европа“, како дел од мерките на ЕУ за зајакнување на индустријата, се наведува во нацрт-документот за договорот.

Париз и Берлин долго време имаа спротивставени ставови за насоката во која Европа треба да се движи за да ја оживее својата автомобилска индустрија, која се соочува со сериозни тешкотии. Затоа се очекува овој договор значително да влијае врз идната европска политика.

Германија бараше помалку строги цели за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за производителите на автомобили, како и пошироко толкување на ознаката „произведено во Европа“, кое би ги опфатило и клучните трговски партнери надвор од ЕУ.

Франција, од друга страна, се залагаше за зачувување на климатските амбиции и за тоа системот на јавни набавки под ознаката „произведено во Европа“ да остане ограничен на земјите членки на Унијата.

Нацртот покажува дека Берлин успеал да го наметне својот став во првото прашање, додека Париз превладеал во второто. Договорот засега е привремен, сè додека не добие конечно одобрение од Берлин, рекле дипломатите.

Европската комисија претходно предложи забраната за продажба на нови автомобили на бензин и дизел во ЕУ од 2035 година да се замени со обврска производителите да ги намалат емисиите од издувните системи на новите возила за 90 проценти.

Преостанатите 10 проценти требаше да се компензираат преку различни кредити, меѓу другото и со користење челик произведен со ниски емисии на јаглерод.

Меѓутоа, француско-германскиот договор го укинува тоа барање, предвидувајќи производителите да немаат обврска да ги компензираат преостанатите емисии.

Договорот отвора можност и автомобилите што користат обновливи горива да се сметаат за возила со „нулта емисија“, со што на производителите значително би им се олеснило исполнувањето на целите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Таканаречените „суперкредити“, кои Европската комисија предложи производителите да ги добиваат за мали и достапни електрични автомобили, според договорот би се прошириле на сите возила, „без оглед на нивната големина или должина“.

Договорот за ознаката „произведено во Европа“ ја ограничува нејзината примена на автомобили произведени во 27-те земји членки на ЕУ, со можност селективно да се вклучат и неколку други земји, пред сè Велика Британија и Норвешка, под одредени услови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons