Актуелно

Директорот ќе „лета“ од работа ако заработи лош ревизорски извештај

Директорот и претседателот и членовите на Управниот одбор може да останат без функција поради ревизорски наоди и финансиски пропусти – овозможува новиот Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за катастар и недвижности.

И директорите и претседателите на управните одбори веќе не се заштитени мечки. Со новите предложени измени и дополнувања на Законот за катастар и недвижности се менуваат правилата за избор и разрешување на раководството на Катастар. Нови правила се предлагаат за именувањето, условите и разрешувањето на членовите на Управниот одбор, а освен директорот ќе може лесно функцијата да ја изгуби и заменикот на директорот.

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности се врши усогласување со новиот Закон за високи раководители, со што досегашните посебни процедури за избор на раководните лица треба да бидат заменети со единствена постапка предвидена со новиот систем за високи раководители.

Една од позначајните предложени новини се однесува на претседателот и членовите на Управниот одбор. Според предложените измени, тие би можеле да бидат разрешени и доколку се утврди дека при извршувањето на функцијата лично или заедно со друг член дејствувале спротивно на основните цели на Законот за катастар на недвижности. Таквото постапување би можело да биде утврдено врз основа на ревизорски извештај за степенот на постигнување на законските надлежности на Агенцијата. Како дополнителен основ за разрешување се предвидува и нестручно, непрофесионално и несовесно извршување на функцијата во областа на материјалното и финансиското работење, доколку тоа е констатирано во ревизорскиот извештај.

Предлогот предвидува и посебни услови под кои директорот и заменикот на директорот би можеле да бидат разрешени. Покрај случаите предвидени со Законот за високи раководители, разрешување би можело да следува доколку не биде доставен извештај согласно член 15 став 2 од Законот за катастар на недвижности.

„Директорот на Агенцијата е должен да достави извештај за работата на Агенцијата до Владата на Република Македонија најдоцна до 31 март во тековната година за претходната година.“

Исто така, како основ за разрешување се предвидува и доколку директорот по истекот на рокот определен со законот, не ги отстранети утврдените недостатоци, или тие повторно се појават или пак има загуби во финансиското работење.

Изборот повеќе нема да се спроведува според досегашната процедура

Со измените се укинуваат досегашните посебни правила за јавен оглас и селекција на директор и заменик-директор во рамките на Законот за катастар на недвижности. Наместо тоа, за нивно именување ќе се спроведува постапка согласно Законот за високи раководители, а кандидатите ќе треба да ги исполнуваат условите утврдени со тој закон. Истото усогласување се предвидува и за членовите на Управниот одбор.

Целта, според образложението на предлагачот, е да се избегне колизија меѓу законските одредби и да се обезбеди единствен пристап при именувањето, утврдувањето на условите, престанокот на функцијата и разрешувањето на високите раководители. Предлогот е доставен за носење по скратена постапка. Законот би стапил во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“, а ќе започне да се применува од 1 октомври 2026 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons