Две лица итно пренесни во Скопје, осум се во штипската болница по страотниот судир меѓу комбе и камион
Десет лица се здобија со повреди во сообраќајна несреќа која синоќа се случи на регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во судир меѓу комбе и камион.
Според информациите од Клиничката болница во Штип дадени за МИА, осуммина од повредените се задржани на лекување на Одделот за хирургија, додека две лица се итно транспортирани на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Здравствената состојба на пациентите варира, при што дел се со полесни, а дел со потешки телесни повреди.
Интервенцијата на терен барала итно вклучување на спасувачки екипи. Од Противпожарната бригада во Свети Николе информираат дека нивни пожарникари вчеравечер околу 21 часот морале да ги извлекуваат повредените од возилата, по што тие веднаш биле преземени од екипите на Итната медицинска помош.
Во текот на денот се очекуваат и официјални детали од Министерството за внатрешни работи во врска со причините кои довеле до несреќата.



