И починати имаат здравствено осигурување во ФЗОМ
Во евиденцијата на Фондот за здравство има починати лица кои имаат активно здравствено осигурување, а на чие име се осигурани и други членови од семејството, рече на денешниот брифинг со новинарите, директорот на ФЗОМ Сашо Клековски. Причината за овој проблем лежи во Управата за водење матични книги, која неажурно ги доставува податоците за починатите до ФЗОМ.
Клековски на брифингот рече дека во земјава има многу начини на кои што граѓаните може здравствено да се осигураат, што е практично невозможно да се биде без здравствено осигурување. Во моментов во Македонија има 1.836.667 осигуреници, од кои 470.774 осигуреници или секој четврти (25 проценти) се лица кои не остваруваат приходи. Тезите дека одредени категории граѓани се оставени без здравствена заштита не се точни, смета тој.
Македонија е дефинирана како социјална држава, а согласно Законот за здравствено осигурување постојат повеќе основи за задолжително здравствено осигурување, со што системот е поставен инклузивно и социјално одговорно. Обезбедено е здравствено осигурување и за лицата кои не остваруваат приходи и не можат да се осигураат по ниту еден друг основ – при што трошоците за нивното осигурување ги покрива државата преку програма во Министерството за здравство, изјави Клековски.
Тој рече дека во моментот се работи на три реформи на здравственото осигурување. Работна група на Фондот, Министерството за финансии, Министерството за здравство и УЈП, работи на критериумите за лицата кои не остваруваат приходи, каде е фокусот на две групи проблеми: осигурениците што непосредно останале без работа и осигурениците кои имаат непријавени приходи (сива економија, работа во странство). Владата, Фондот и УНИЦЕФ ги анализираат потребите и можностите за независно здравствено осигурување на малолетни лица до 18 години.
И трето, во финална фаза е подготовката на ново законско решение од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, со активно учество на Фондот за здравствено осигурување. Со ова законско решение ќе се опфатат лицата кои работат во флексибилни форми на ангажман.
Фондот останува посветен на унапредување на пристапноста и правичноста на здравствениот систем, врз основа на реални анализи и одржливи решенија, рече директорот на ФЗОМ.



