Актуелно

Тројца доктори вратија 25 илјади евра во буџетот, оти им биле натплатени

Тројца доктори вратиле 1,5 милиони денари, односно 25 илјади евра во буџетот на јавните здравствени установи каде што работат, затоа што парите им биле неправилно пресметани на платата, односно сумите им биле натплатени, информираше денеска директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски.

Тој не ги откри докторите ниту јавните здравствени установи кај кои што биле констатирани ваквите неправилности. Но, докторот за кој премиерот Христијан Мицкоски зборуваше дека работи со „еликсир“, односно заработил 12 илјади евра за еден месец, не е меѓу тие што ќе враќаат пари. „Слободен печат“ дознава дека тој 12-те илјади евра ги заработил со дополнителна дејност со оглед на тоа што работи исклучително дефицитарна гранка во македонското здравство.

Директорот на ФЗОМ Сашо Клековски истакна дека контролите продолжуваат во насока на правилно менаџирање со ресурсите.

-Наша континуирана активност се медицинската контрола и финансиската контрола. Тие наоди ги комуницираме и со јавните здравствени установи  и со Министерството за здравство, Министерството за финансии и со Државниот завод за ревизија со кој имаме одлична соработка. Во три случаи актуелни или поранешни директори ги имаат вратено погрешно пресметаните приходи, рече Клековски.

Запрашан колкава е сумата што ја вратиле тројцата доктори, тој рече дека се работи за околу 1,5 милиони денари.

Клековски посочи дека мора да се изгради систем во кој сите во здравствениот систем меѓусебно ќе се ценат, ќе бидат добро платени, меѓутоа од друга страна ќе се очекува фер однос од другата страна.

-Да престанат злоупотребите на додатоците. Таа комуникација ја имаме и со јавните здравствени установи и со синдикатите. Постојано ќе го комуницираме тоа за да се придвижиме од една состојба каде трудот не се вреднувал, па некои луѓе сами си го наплаќале спрема она што сметале дека им следува, посочи директорот на ФЗОМ.

Тој најави дека се работи на измени што биле наведени и во програмата на Владата со кои предвидено е децата до 18 години да бидат самостојни носители на здравственото осигурување, односно да не се водат на име на мајката или на таткото. Според Клековски, ќе се менуваат и законски решенија и системот на ФЗОМ за да се овозоможи ова.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons