Научниците создадоа растенија што светат во темница
Користејќи гени од светулки и светлечки печурки, научниците создадоа растенија кои светат во темница.
Кинеските научници открија генетски модифицирани растенија способни да светат во темница, што, според истражувачите, е револуционерен напредок што би можел да го трансформира урбаното осветлување, туризмот и одржливиот дизајн, објави Еуроњуз некст.
Развиени со помош на технологијата за уредување на гени, биолуминесцентните растенија емитуваат суптилна природна светлина откако истражувачите успешно ги пренеле гените кои произведуваат светлина од светулките и светлечките печурки во растителните клетки.
Досега, повеќе од 20 видови – вклучувајќи орхидеи, сончогледи и хризантеми – се веќе создадени да светат ноќе.
„Роден сум на село. Тогаш, моето семејство немаше пари, па навечер не можев ништо да правам освен да лежам во хамак во бамбусовата шума на мојот дедо за да се разладам. Светулките често ми паѓаа на рацете“, се присети д-р Ли Ренхан, основач на биотехнолошката компанија „Меџикпен Био“ и студент на Кинескиот земјоделски универзитет.
Години подоцна, додека студирал генетско уредување, Ли почнал да истражува дали истите биолошки механизми можат да се пренесат на растенијата. „Сакавме да пренесеме гени од животни, како што се светулките, во растенија, за да можат да светат и ноќе. Посветени сме на воведување на оваа технологија во културниот туризам и ноќната економија. Замислете долина исполнета со растенија што светат во темница, тоа би било како да го донесете светот на „Аватар“ на Земјата.“



