Милевски не знае дали ќе остане селектор на Македонија по мечот со Велс
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски не знае дали ќе остане на функцијата по крајот на овој месец.
Пред Македонија се два натпревари, на 13 играме пријателска со Летонија во Скопје, а пет дена подоцна му гостуваме на Велс во последниот и најважен меч од квалификациите за Светското првенство.
Актуелниот договор на Милевски со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) истекува на крајот на овој месец, а уште нема најава за продолжување на соработката.
„Јас сум под договор со ФФМ до крајот на ноември и максимално сум фокусиран единствено на Велс и Летонија и на ништо друго. Сега не е важно дали ќе останам селектор, туку да бидеме најдобри што можеме на овие две средби“, истакна селекторот Милевски.



