Чешмите ќе останат суви, но радијаторите топли, прекинот на вода нема да го попречи греењето во Скопје
И покрај тоа што системот за парно греење е полн со вода, најавеното исклучување на водата кое ќе се случи во ноќните часови од петок кон сабота, поради дефекти чие санирање не се знае колку ќе трае, домовите на скопјани нема да останат без греење.
Исклучувањето на главниот цевковод ќе ги опфати населбите каде речиси 60 000 домаќинства се греат на парно, но, како што тврдат од АД ЕСМ, нема да има проблеми со греењето.
Ве известуваме дека затворањето на главната водоводна цевка во Скопје нема да влијае врз испораката на топлинска енергија до потрошувачите приклучени на централното греење – велат од компанијата.