Свет

Будимпешта: ЕУ прво да го прими Западен Балкан, па дури потоа Украина

Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека Европската Унија треба да ги прми земјите од Западен Балкан пред Украина, за да го зачува кредибилитетот во регионот.

Тој за време на посетата на Виена оцени дека ЕУ прво мора да ги исполни ветувањата дадени на земјите кои со години чекаат членство, пред да даде нови ветувања на другите кандидати.

„Прво треба да ги примиме земјите кои долго време се подготвуваат за членство, кои многу жртвувале, прифатиле бројни обврски и со години чекаат на ветениот влез во ЕУ“, кажа Маѓар во интервју за австриската агенција АПА.

Тој предупреди дека Европската Унија може да ја изгуби довербата на Западен Балкан ако ги игнорира државите од регионот, кои долго време се во процес на пристапување.

„Стабилноста и безбедноста на Балканот не се важни само за тој регион, туку и за цела Европа. Затоа, она што беше претходно ветено треба прво да се исполни, пред да се дадат нови ветувања во име на Европската Унија“, порача унгарскиот премиер.

Зборувајќи за можното членство на Украина во ЕУ, Маѓар кажа дека земјата е сè уште многу далеку од прием и процени дека тоа нема да се случи барем во следните десет години. Тој додаде дека сите земји-кандидатки мора да поминат низ истите процедури и да ги исполнат истите услови за членство.

Маѓар потврди дека Унгарија планира референдум за евентуалното прием на Украина во Европската Унија, но само по завршувањето на војната со Русија и доколку Киев сè уште сака членство.

„Секоја суверена држава има право да одлучи дали одлуката ќе ја препушти на владата или на граѓаните на референдум“, кажа Маѓар, потсетувајќи дека другите европски земји претходно организирале референдуми за проширувањето на ЕУ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons