20 минути по полетувањето повторно слетале на аеродромот во Истанбул – проблем со авионот на македонските фудбалери
Фудбалска репрезентација на Македонија која денеска требаше да се врати од Турција во Македонија, поради технички проблеми со авионот, се уште се наоѓа во Истанбул.
Авионот на компанијата „Фрибрд ерлајнс“, кој го извршуваше летот FH1949 кон Скопје, полетал во предвидениот термин и се очекувало да слета на Меѓународниот аеродром Скопје околу 13:40 часот.
Сепак, по 20 минути лет се огласил пилотот информирајќи ги патниците дека поради технички проблем, авионот се враќа назад, по што повторно слетале во Истанбул.

Засега не е познато за каков технички проблем станува збор, колкава е неговата сериозност, и кога македонската фудбалска експедиција ќе се врати во Македонија. Она што со сигурност се знае е дека во моментов тие се на аеродромот во Истанбул.
Во авионот покрај членовите на македонската репрезентација, се и лица од Фудбалската федерација на Македонија и претставници на медиуми.
Македонската репрезентација се враќа од Турција, каде вчера на стадионот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул одигра пријателски натпревар против домашната селекција.



