МакедонијаНајново

15% поевтина училишна кошничка, родителите ќе добијат олеснување

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, смета дека 15-процентното намалување на ученичката кошничка е добра мерка и ќе претставува олеснителна околност за буџетот на родителите.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, таа посочи дека процентот е соодветен и ги истакна сите форми на поддршка кои државата ги обезбедува за учениците.

– Државата го прави тоа што може да го направи. Не заборавајте дека образованието основно и средно е задолжително, но и бесплатно. Учениците добиваат учебници, тоа е помош на родителите, добиваат превоз, што е исто така помош на родителите, општините обезбедуваат електронски уреди, одреден број општини обезбедуваат ужина и храна. Значи, тоа што можеме да го направиме, го правиме. Сметам дека ова е добра олеснителна околност за родителите, истакна Јаневска.

Во однос на студентскиот оброк, министерката соопшти дека во овој момент не се планира зголемување на износот бидејќи до МОН нема пристигнато такво барање од студентските организации.

– Јас сум во постојан контакт со студентските организации. Пред две години во разговор со студентите тие бараа проширување на опсегот и рекоа дека се задоволни од цената. Но, пред тие две години ние, наместо да покачуваме по седум денари, односно да се усогласуваме со инфлационата стапка, ние покачивме одеднаш 20 денари. Значи, најмалку за три години однапред ние им дадовме пари на студентите и досега кај мене или во Министерството, поплака за студентскиот оброк не е стигната, изјави Јаневска.

Таа додаде дека студентите се задоволни и од проширувањето на опсегот, со коешто и постдипломците добија право на користење субвенциониран студентски оброк.

Осврнувајќи се на ревизорскиот извештај за работењето на студентските домови, Јаневска подвлече дека е забележано недомаќинско работење од страна на раководствата на неколку домови, за што веќе се известени надлежните институции кои треба да постапат по случајот. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons