Ќе се продава само гориво што ги исполнува стандардите – нова уредба по 19 години
По речиси две децении, Македонија добива нови правила за квалитетот на течните горива. Владата ја донесе новата Уредба за квалитет на течните горива, со која отсега на домашниот пазар ќе може да се пласираат само горива што ги исполнуваат пропишаните стандарди, а се воведуваат и построги механизми за контрола на нивниот квалитет.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) велат дека новата уредба ја заменува регулативата што беше во сила речиси 19 години и претставува дел од спроведувањето на новиот Закон за енергетика.
Со уредбата детално се утврдува кои видови течни горива може да се продаваат на домашниот пазар, какви стандарди за квалитет мора да исполнуваат, како ќе се врши нивната контрола и кои се обврските на сите учесници на пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и транспортни горива.
Според Министерството, една од најважните новини е што се воспоставуваат еднакви правила за сите компании, со што се намалува просторот за злоупотреби и нелојална конкуренција. Компаниите што работат согласно законските прописи ќе имаат пофер и попредвидливи услови за работа.
-Со новата уредба се воспоставуваат јасни и современи правила за тоа какви течни горива може да се пласираат на домашниот пазар, како се утврдува нивниот квалитет и како ќе се следи неговото почитување. За граѓаните тоа значи поголема сигурност дека горивата што ги користат ќе ги исполнуваат пропишаните стандарди, а преку јасно утврдени правила и механизми за контрола дополнително се зајакнува заштитата на потрошувачите- соопшти МЕРМС.
Оттаму додаваат дека повисоките стандарди за квалитет на течните горива треба да придонесат и за намалување на штетните емисии, што ќе има позитивно влијание врз животната средина и ќе придонесе за поодржлив енергетски сектор.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оцени дека новата уредба претставува значајна реформа со која конечно се заменува застарената регулатива.
-По речиси 19 години ја заменуваме застарената регулатива со нова уредба што носи јасни правила и стандарди. Нашата цел е граѓаните да имаат поголема сигурност во квалитетот на горивата што ги користат, компаниите што работат законски да бидат заштитени од нелојална конкуренција, а пазарот да функционира по јасни и еднакви правила. Ова е воспоставување ред – така ги штитиме граѓаните, чесното стопанство и градиме модерен и доверлив енергетски сектор- изјави Божиновска.
Со донесувањето на новата уредба, Министерството продолжува со имплементацијата на новиот Закон за енергетика и постепената замена на старите прописи со нова регулатива, чија цел е да обезбеди повисоко ниво на заштита на потрошувачите, поголема правна сигурност и потранспарентен пазар на течни горива.



