Снежна бура на тибетската страна на Монт Еверест зароби речиси 1000 луѓе
Спасувачките тимови денеска се обидуваат да го ослободат пристапот до камповите на источната падина на Монт Еверест, каде што речиси илјада луѓе се заробени во снежната бура што ги блокираше патиштата, соопштија кинеските државни медиуми.
Стотици локални жители и спасувачки екипи се распоредени за да помогнат во расчистувањето на снегот што го блокира пристапот до областа, која се наоѓа на надморска височина од над 4.900 метри, пренесува Ројтерс.
Дел од туристите на планината веќе се спуштени до подножјето.
Снежните врнежи започнаа во петокот навечер и продолжија во текот на целата сабота, според официјалните сметки на локалната туристичка компанија од округот Тингри. Компанијата соопшти дека продажбата на билети и влезот во живописната област Еверест се привремено прекинати од доцна попладне во саботата.
Преку границата во Непал, обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето што ги блокираше патиштата, урна мостови и однесе најмалку 47 животи од петокот.
Најмалку 35 лица загинаа во одделни поплави во источниот дел на земјата на границата со Индија.