Приказни за животните, музички хепенинг… Скопје годинава одбележува сто години од Зоолошката градина
Со приказни за животните, музички хепенинг и забава за најмладите денеска започна одбележувањето на стогодишнината од основањето на Зоолошката градина во Скопје, која е најстара на Балканот. Во овие сто години Скопје ЗОО имала подеми и падови, а денес во неа живеат 500 животни од сто вида, а меѓу најатрактивните се слоницата Данела, нилскиот коњ Буцо, морските лавови, лемури, тапаси, пингвини, автохтоната мечка и многу други.
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓеорѓиевски изјави дека одбележувањето ќе трае во текот на целата година и најави процес на реконструкција на старите живеалишта на животните, како и кампања преку која и јавни личности ќе можат да се вклучат и да грижат за животните. На првиот ден од одбележувањето на стогодишнината на Скопје ЗОО, таму беше и Марјо Худемакер, од Европска асоцијација на зоолошки градини и аквариуми.
– Да го уредиме просторот што долги години беше запуштен. Во Зоолошката градина денеска е гостин господинот Марјо, кој е претставник на ЕАЗА, асоцијацијата од која за жал пред неколку години не изфрлија, и ќе дадеме се од себе за да ги подобриме впечатоците таму но и да видат дека ги менуваме работиуте за да се вратиме повторно во ЕАЗА со што би се вратила можноста за да обезбедиме нови видови на животни овде во Зоолошката градина- рече Ѓеорѓиевски.
На овие цели, како што кажа тој, се работи заедно со директорката на Зоолошката градина. – Од денес започнува и кампања со која практично ќе дадеме можност и јавните личности да се вклучат во делот на згрижување на одредено животно за да можат секој индивидуално да се грижи за некое животно овде, обезбедувајќи храна, просторни услови итн, рече градоначалникот на Скопје, изразувајќи задоволство од зголемувањето на бројот на посетители на Скопје ЗОО.
Директорката на Скопје ЗОО Катерина Костова изјави дека најнапред ќе се реновираат најстарите живеалишта на животните, ќе бидат донесени нови животни, а еден од новитетите исто така ќе биде посетителите да можат во одредени денови и часови да гледаат како зоонегователите ги хранат животните и така ќе може да се научи што се јадат животните и како се чуваат. Таа апелираше до посетителите да не ги хранат животните со чипс и смоки бидејќи тие не се гладни, и секогаш имаат храна.
– Ова е само почеток. Сто години сме издржале многу и наредните сто години се надевам дека ќе биде уште поубаво и дека ќе имаме многу, многу поубава едукација за разлика од сега, понатаму нашите деца да доаѓаат постојано, но и возрасните. Ќе почнеме со реновирање на старите живеалишта и ќе направиме нови Хабитат-европски живеалишта, по стандардите на ЕАЗА и, се надевам, ќе донесеме многу нови животни што досега ги немало кај нас – изјави Костова.
Во зоолошката градина има живеалишта стари и по 50 години. – Можете да замислите што се тие претрпеле, и земјотреси и поплави, и среќи и несреќи. Првин да ги реновираме постарите живеалишта. На пример живеалиштето на мечката, сепак, таа е наша автохтона и треба посебно да се грижиме за неа. Ќе ги реновираме, ние го викаме тоа прво реон, каде што порано беа бизоните. Таму ќе има мешани животни, за да биде малку поприродно. Доста ги гледаме оние здодевни живеалишта каде што само го гледате животното. Ќе бидат доста природни, со приордни материјали и со доста зеленило – изјави Костова.
Имаме животни, кажа таа, на кои особено сме горди како што се лемурите, тапасите, а во однос на пингвините Костова рече дека, Скопје ЗОО важи за една од зоолошките градини каде во голема бројка се размножуваат и оти најверојатно им одговара нашата клима. Изрази надеж дека наскоро ќе бидат донесени животни што никогаш не сме ги имале досега, капитални животни.
Костова кажа дека здравствената состојба на животните е добра и оти зоолошката исто така има постари животни.
– Во минатото за жал имавме и птичји грип и ТБЦ. Животните се тестирани, значи дека се негативни на ТБЦ. Можеме мирни да бидеме во врска со тоа. Имаме постара колекција на животни, за жал во изминатиов период немавме нови животни да донесеме за да ја подмладиме таа колекција на животни и затоа работиме на тоа да имаме нови и разни полови на животни, да не се само едни исти. На пример само машка група или само женска група, туку да бидат мешани за да можеме да ги размножувани – рече таа.

Од пред еден месец со доаѓањето на повисоките температури бројот на посетители во Скопје ЗОО е зголемен, но директорката Костова вели дека и бројот на спонзорите е исто така зголемен.
– Можеме да се пофалиме со една добра, добра бројка на посетители. Бројот на животни е 500, и околу сто видови, рече таа.
Зоолошката градина Скопје е формирана во 1926 година, од страна на тричлена комисија со која раководел д-р Станко Караман, биолог и доктор по зоологија од Сараево. Истата 1926 година е предложено денешното место за локација на Зоолошката градина. Во тоа време опфаќала 4 (четири) хектари површина, а градината располагала со скромен број на животни, кои претежно биле добиени како подарок од други зоолошки градини и поединци од Балканот и Европа. Во исто време биле отворени и Природно-научниот музеј, а тие извесен период функционирале како една организација, биле изградени и Градскиот парк и Ботаничката градина. Со ова Скопје станал првиот град во тогашните Балкански простори, кои имале ваква природно-научна и зоо структура.



