Премногу сол не го загрозува само срцето: Научниците предупредуваат на уште една опасност
Прекумерното внесување сол е познат ризик за висок крвен притисок, но неодамнешните истражувања покажуваат дека исхраната богата со натриум може директно да му наштети на црниот дроб.
Научниците предупредуваат дека солта може да го промени начинот на кој црниот дроб ги обработува мастите, да предизвика воспалителни процеси и да го зголеми ризикот од сериозни заболувања на црниот дроб. Иако се потребни понатамошни истражувања, научниците советуваат претпазливост во однос на внесувањето сол за да се зачува здравјето и функцијата на црниот дроб, пишува Веривел хелт.
Како солта влијае врз црниот дроб
Иако бубрезите првенствено се задолжени за обработка и регулирање на натриумот, количеството внесена сол влијае и врз другите органи, вклучувајќи ги црниот дроб, срцето и мозокот.
„Бубрезите контролираат колку натриум задржува телото, но тоа не значи дека црниот дроб е заштитен“, објаснува д-р Брајан П. Ли, хепатолог и лекар специјализиран за трансплантација на црн дроб.
„Натриумот влијае врз крвниот притисок, рамнотежата на течностите, отпорноста на инсулин и цревната микрофлора, а сето тоа на различни начини го оптоварува црниот дроб“, додава тој.
Неодамнешно истражување покажа дека исхраната богата со масти и натриум може да го зголеми воспалението и создавањето лузни во црниот дроб. Воспалението и лузните се клучни фактори на ризик за развој на посериозни состојби, како што се цироза, откажување на црниот дроб и рак.
„Ова е важно бидејќи мастите во самиот црн дроб се претежно безопасни. Воспалението што го придружува таложењето масти всушност предизвикува лузни, а тоа води до цироза, откажување на црниот дроб и рак“, вели Ли.
Сепак, Ли предупредува дека овие наоди не треба да се прифатат без резерва, бидејќи истражувањата врз луѓе сè уште се во тек.
„Ова беше студија спроведена врз глувци, па би бил претпазлив со директното пренесување на заклучоците врз луѓето. Многу наоди добиени со истражувања врз глувци не се потврдуваат кога ќе се тестираат кај луѓето“, додава тој.
Истражувањето укажува дека прекумерното количество сол може да придонесе за воспаление и создавање лузни дури и ако не доведе до дополнително натрупување масти.
„Ова откритие ми го привлече вниманието бидејќи е многу слично на она што го гледаме кај некои слаби пациенти кои не се со прекумерна тежина, но имаат полоши исходи кај стеатотична болест на црниот дроб поврзана со метаболичка дисфункција (МАСЛД)“, рече Ли.
Влијанието на солта врз постоечко заболување на црниот дроб
Ново истражување укажува на тоа дека солената храна може да поттикне воспаление и создавање лузни, со што се зголемува ризикот од развој на болест. Сепак, што се случува кога лице кое веќе има заболување на црниот дроб консумира големи количества натриум?
Одговорот зависи од видот и стадиумот на заболувањето. МАСЛД е состојба што подразбира натрупување прекумерно количество масти во црниот дроб кај лица кои пијат малку алкохол или воопшто не пијат.
„Во раните фази на МАСЛД, главниот проблем е тоа што солта може да поттикне висок крвен притисок и воспаление. Тоа, теоретски, би можело да ја забрза прогресијата на болеста“, вели Ли.
Ако болеста напредува или лицето има потешка состојба, како што е цироза, последиците од исхраната богата со натриум стануваат уште поизразени.
„Кај цирозата може да дојде до зголемен притисок во крвните садови што водат до црниот дроб, состојба позната како портална хипертензија“, објаснува Ли.
„Во таа фаза, солта станува особено штетна бидејќи предизвикува натрупување течности во стомакот и во целото тело“, додава тој.
Како да го намалите внесувањето сол и да го заштитите црниот дроб
Ако сте загрижени поради внесувањето натриум, неколку едноставни промени во начинот на живот можат да направат значителна разлика. Добар почеток е да следите кои намирници ги јадете секој ден.
„Многумина се изненадени од податокот дека лебот е најголемиот извор на натриум во исхраната“, вели Ли.
Според него, по лебот следуваат сувомесните производи, сирењата, супите од кесичка, сосовите за тестенини, преливите за салати, соја-сосот, киселата храна и повеќето јадења што се служат во рестораните.
Ли објаснува и дека храната што ја сметаме за здрава може да содржи големи количества натриум. Меѓу таквите намирници се свежото сирење, соковите од зеленчук и гравот од конзерва.
На организмот му е потребно одредено количество натриум за нормално функционирање, а најдобро е да се внесува преку целосни, минимално преработени намирници.
„Свежиот зеленчук, овошјето, несолените јаткасти плодови, јајцата, свежото месо, рибата и обичните млечни производи природно содржат мали количества натриум, што е сосема доволно“, вели Ли.
„Со оглед на тоа колку сол има во рестораните и во преработената храна, подготовката на храна дома со свежи состојки може да биде многу ефикасна промена“, додава тој.
Други навики, како што се контролирање на внесот на алкохол, редовното вежбање и одењето на лекарски прегледи, се исто така важни.
„Колку помалку алкохол, толку подобро, бидејќи не постои количина што е целосно безбедна за црниот дроб“, истакнува Ли.
Тој им советува на луѓето кои имаат фактори на ризик, како што се дијабетес, дебелина или прекумерна консумација на алкохол, да разговараат со својот лекар за тест за проценка на фиброза на црниот дроб.
„Болеста на црниот дроб може да се излекува доколку се открие навреме“, заклучува Ли.



