Актуелно

Ниту еден сведок не дојде на рочиштето за трагедијата во Кочани

Ниту еден од петмината сведоци не дојдоа на денешното рочиште во судницата во Идризово да сведочат за трагедијата што се случи на 16 март минатата година кога во пожар во дивото кабаре „Пулс“ загинаа 63 млади луѓе и над 200 беа повредени.

Двајца од овие сведоци кои ги има предложено јавното обвинителство не можеле пак да ја преживуваат кобната вечер со сведочење во суд, двајца од нив Обвинителството не успеало да ги исконтактира, а еден бил во странство.

Ќе се прави психијатриско вештачење на сведоци

Судот го прифати предлогот на Обвинителството, на двете девојки кои треба да сведочат да им се направи психијатриско вештачење и да се процени дали може повторно да сведочат или пред судот да се прочитаат исказите што ги дале претходно во Обвинителството.

-Од страна на Обвинителството е ангажирано вешто лице од областа на психијатријата, како би можело истото да се произнесе дали состојбата во којашто се наоѓаат сведоците претставува душевно заболување, за да пристапиме кон примена на исклучокот предвиден во одредбата од член 388 став 5 од ЗКП за непосредно изведување на докази. Меѓутоа, бидејќи медицинската документација се наоѓа кај вас, а секако треба и да биде направен непосреден надзор од страна на стручното лице, таквата документација дополнително ќе биде обезбедена и приложена до судот, за да ја примениме – истакнаа од Обвинителството.

Обвинителството не успеало да стапи во контакт со двајца од сведоците, па Судот прифати да им бидат испратени покани, а еден сведок не дошол бидејќи студирал во Бугарија.

– Во однос на сведокот Александра Пепеларовска и сведокот Теа Ѓорѓиевска, од страна на Обвинителството направени се обиди за контакт, меѓутоа истите се безуспешни, а во недостаток на телефонска комуникација предлагаме од страна на судот да бидат испратени покани за овие сведоци за расправа, адресите се во листата на докази, но доколку е потребно веднаш ќе ги дадеме – посочија од Обвинителството.

Се читаше исказот на поранешниот менаџер на ДНК

На рочиштето беше прочитан исказот на поранешниот менаџер на групата ДНК, Денис Даутовски, даден пред Обвинителството во Кочани, откако Судот констатираше дека не е достапен на органите на прогон.

– Во поглед на поставување на опремата беше задолжен Филип Стевановски, кое лице сега е починато. А осветлувањето беше препуштено на сопствениците, а во поглед на прскалките знам дека Панчо во првиот наврат кога почна да ги користи, првично набави кутија со осум правоаголници со деветволтна батерија каде треба да се постават патрони, кои потоа со далечинско треба да бидат активирани. Не ми е познато од каде ја набавил оваа кутија, но знам дека ја носеше во своето возило. Претпоставувам дека прскалките ги набавил од истото место кое мене ми го посочи… Откако беа набавени, јас лично ги видов дека ги поставуваше Мартин Буцо, а претходно ги поставував и јас… Прскалките ги активиравме истовремено, бидејќи далечинското имаше само едно копче. Мислам дека при договарање на настапите, внесот на прскалките беше најавуван кај сопствениците на локалот, но дали било пријавувано до надлежниот орган, не знам – се наведува во исказот на Даутовски.

Судењето треба да продолжи во понеделник. Новиот републички јавен обвинител Ненад Савески засега нема да го ревидира обемното и јавно оспорувано обвинение што беше прво поднесено за кочанската трагедија против повеќе од 30 обвинети, од сопственикот на кабарето до поранешни министри и градоначалници кои биле на функции од пред 12 години.

Доказната постапка е сè уште на самиот почеток, па ако ставот на Обвинителот остане ист, може да поминат и години додека ги слушнеме доказите и на едната и на другата страна.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons