Не се укинува вториот пензиски столб – законската одредба за 6%, се префрла во друг закон
Што ќе се случи со парите на работниците кои секој месец издвојуваат од своите плати за идните пензии?! Дали со предлогот за бришење на членот 120, односно на одредбата за уплата на 6% во вториот пензиски столб власта ги доведува во ризик пензиските заштеди на повеќе од 650.000 граѓани кои се негови членови?!
Веќе два дена опозициската СДСМ ги поставува овие прашања, предупредувајќи дека се подготвува укинување на вториот пензиски столб.
Министерот за социјална политика,демографија и млади Ѓоко Велковски во писмена изјава за тв 24 ,ги отфрла ваквите наводи и порачува дека укинување на вториот пензиски столб нема да има!
– Не се укинува вториот пензиски столб. Со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не се укинува ниту вториот пензиски столб ниту придонесот што се уплаќа во него.Станува збор за законско и техничко усогласување на регулативата.Имено,со член 17 од Предлог-законот,кој е објавен на ЕНЕР,се предлага бришење на член 120 од постојниот закон кој ја регулира стапката на придонесот за вториот пензиски столб.Но,тоа не значи дека придонесот се укинува или дека се укинува вториот пензиски столб.Напротив,неговото нормативно уредување се пренесува во Законот за задолжителни социјални придонеси,каде што системски ќе се регулираат прашањата поврзани со задолжителните социјални придонеси.Значи,вториот пензиски столб продолжува да постои ,а придонесот продолжува да се уредува со закон.Станува збор за пренесување на законската одредба во друг закон,а не за укинување на пензискиот столб.



