НЕВЕРОЈАТНО НО ВИСТИНИТО: Русија стана главен снабдувач на оружје за Украина (ВИДЕО) 

Заробени и напуштени руски тенкови, хаубици и борбени возила – од кои набрзина се отстранети тактички ознаки „Z” и прецртани со украински крстови – се вртат против своите поранешни сопственици додека украинската војска напредува на истокот на земјата.

Брзиот пробив на Украина во регионот Харков пред еден месец заврши со префрлање на стотици парчиња руско оружје во рацете на Киев, истакнуваат воени претставници, бидејќи руската армија го остави своето тешко оружје и резервите во неорганизираното повлекување, пишува Вол стрит џурнал.

Еден дел од руската воена опрема бил подготвен за моментална употреба, додека остатокот е однесен на поправка пред да се врати на фронтот. Тенковите, возилата и топовите кои се премногу оштетени за да се спасат се користат за резервни делови. Русија, исто така, оставила зад себе големи количества советски стандардни артилериски гранати, кои речиси биле потрошени во Украина.

Овој плен им помага на украинските сили во заземањето делови од источниот регион Доњецк, вклучително и градот Лиман, и пробивот понатаму на исток во Луганск. Киев врати повеќе од 10.000 квадратни километри земја на исток во текот на септември, со напредок и на југ.

Еден украински баталјон, Карпати Сич, заплени 10 модерни тенкови Т-80 и пет самоодни хаубици 2С5 Гиацинт со калибар 152 мм по влегувањето во градот Изјум во септември, изјави заменик-началникот на стожерот Руслан Андријко.

„Имаме толку многу трофеи што не знаеме што да правиме со нив. Почнавме како пешадиски баталјон, а сега полека стануваме механизиран баталјон“, додаде Андријко.

Началникот на штабот на украинскиот артилериски баталјон на Харковскиот фронт рече дека неговата единица сега користи и четири неодамна заробени руски самоодни хаубици 2С19 Мста од калибар 152 мм, покрај топови од американско производство, и дека има изобилство од муниција на советски калибар.

„Русите веќе немаат предност во огнената моќ. Ги разбивме сите нивни артилериски единици пред да тргнеме во офанзива, а потоа тргнавме напред толку брзо што немаа време ниту да ги наполнат своите тенкови со гориво. Тие само избегаа и оставија сè зад себе“, рече украинскиот офицер за Вол стрит џурнал.

Во комбинација со оружјето запленето за време на руското повлекување од Киев и другите делови на северна Украина во април, овие неодамнешни придобивки ја претворија Москва во убедливо најголемиот снабдувач на тешко оружје за Украина, далеку пред САД или другите сојузници. Сепак, западните оружја се обично понапредни и попрецизни.

Украина заробила 460 руски борбени тенкови, 92 самоодни хаубици, 448 пешадиски борбени возила, 195 оклопни борбени возила и 44 повеќецевни ракетни системи, според визуелните докази собрани од социјалните мрежи и Орикс, разузнавачка консултантска куќа. Вистинската бројка е веројатно поголема бидејќи не е евидентирана целата запленета опрема.

Не целата опрема е врвна. „Она што го добиваат Украинците е мешавина од модерна опрема што можат доста ефикасно да ја користат и работи што навистина припаѓаат во музеите“, рече Јакуб Јановски, кој го составува списокот на загуби на оружје во Орикс.

Русија исто така заплени дел од украинското оружје, главно во раните денови на војната, додека освојуваше големи делови од земјата. Според пресметката на Орикс, Русија од февруари заробила 109 украински тенкови, 15 самоодни топови и 63 пешадиски борбени возила.

Во Изјум, Украина стекна понапредно руско оклопно оружје, како што се тенкови Т-90 и пешадиски борбени возила БТР-82 со автоматски топови. Командантот на 92-та бригада на Украина, која имаше главна улога на фронтот кај Харков, беше снимен оваа недела како се вози во Т-90, кој пред војната не беше во арсеналот на Украина.


Западните сојузници не испратија тенкови од западно производство во Украина. Но, Киев доби околу 230 модернизирани тенкови Т-72 од Полска и уште неколку десетици од Чешка.

Американската и европската помош била насочена кон снабдување на Украина со стандардна прецизна артилерија на НАТО, како што се американските М777 и Паладин, германските хаубици Панцерхаубице 2000 и полските Краб, како и ракетните системи ХИМАРС. Ова оружје му овозможи на Киев да ја одржи линијата откако во мај почна да му снемува артилериски гранати од советски калибар.

Искуството на Украина во учењето како да управува со различни системи на оружје за релативно краток период го олесни пренаменувањето на неодамна набавеното руско оружје, рече полковникот Серхиј Черевати од Украинската оперативна команда Исток..

„Оружјето е од советско производство кое ние лесно го разбираме. Ако нашите луѓе успеаја да научат како да ги користат Панцерхаубиците, Крабс и американските Паладини, воопшто не е проблем да се совладаат руските системи кои се слични на нашите“, рече Черевати.

Додека украинските војници често задржуваат помало заробено оружје и муниција, поважните предмети како тенкови и артилерија обично се прераспределуваат преку воената логистичка команда, нагласи Олексеј Данилов, шеф на Советот за национална безбедност и одбрана на земјата. „Но, и тогаш најчесто остануваат на истиот простор, што е само фер“, додаде Данилов.

Споменатиот украински баталјон, на пример, испратил заробени хаубици во други единици, а ги  задржал тенкови за кои можел да најде персонал. Командантот на баталјонот рече дека овие тенкови сега и официјално се доделени на единицата и редовно се снабдуваат со муниција и гориво од воената логистика, а ги сервисираат екипи од украинските фабрики за тенкови. Пред војната, Украина беше главен производител и извозник на тенкови.

„Освојувањето на трофеите ни дава чувство на гордост и го крева борбениот дух кај сите“, рече командантот, кој користи руска јуришна пушка заробена во неодамнешната битка во која баталјонот зазеде село во регионот на Доњецк.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons