НБА ќе добие нов шампион, Сан Антонио ја урна Оклахома
Сан Антонио и Њујорк ќе играат во големото НБА финале откако Спарс ноќеска со 111-103 славеа на гостувањето кај актуелниот шампион Оклахома и со 4-3 ја добија финалната серија на Западот.
Првпат по 12 години Сан Антонио ќе игра во НБА финале. Главен лик во вчерашната победа, но и во финалната серија на Западот, беше Виктор Вембанјама кој мечот го заврши со 22 поени, додека фантастичен придонес даде и Џулиан Шампани со 20 поени, од кои дури шест тројки. Спарс имаа дури седум кошаркари со двоцифрен број поени, што уште еднаш ја покажа нивната тимска сила во најважниот меч од сезоната.
На спротивната страна блескаше МВП-ѕвездата Шеј Гилџис-Александер со 35 поени и девет асистенции, но ниту неговата одлична партија не беше доволна за пресврт. Поразот дополнително се почувствува поради отсуството на повредениот Џален Вилијамс.
Со елиминацијата на Оклахома стана јасно дека НБА ќе добие нов шампион осма сезона по ред, а Сан Антонио сега ќе се обиде да стигне до првиот шампионски прстен по повеќе од една деценија. Големото финале помеѓу Спарс и Њујорк никс почнува на 4 јуни, а „мамузите“ ќе ја имаат шансата да ја крунисаат новата генерација предводена од феноменалниот Вембанјама.



